Милена Сиљаноска, поетеса / Фотографија: Диме Данов

Разговор со поетесата Милена Сиљаноска за стихозбирката „Куќичка на дрво не е дом“: Поезијата е природна за поетот исто како и дишењето

Стихозбирката „Куќичка на дрво не е дом“ од Милена Сиљаноска во издание на издавачкиот центар „Три“ беше промовирана на 17 јуни низ разговор на авторката со нејзиниот поетски пријател Андреј Медиќ Лазаревски.

Младата и емотивна авторка Милена Сиљаноска е писателка, поетеса и уредничка во Издавачки центар „Три“, во чиешто издание е објавена стихозбирката „Куќичка на дрво не е дом“. Голем дел од песните во неа се дел од поетскиот ракопис „Болопадание“, за кои таа се здоби со признанието „Антев златник“ од Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“.

Пред година и половина таа го објави својот поетизиран деби-роман „Ронлива“, а сега повторно се сретна со читателите, со јавноста и со самата себеси преку новата стихозбирка.

Стихозбирката „Куќичка на дрво не е дом“ имаше официјална промоција. Зошто одлучи истоимената песна од збирката да биде и наслов на истата?

– „Куќичка на дрво не е дом“ е една од моите најинтимни песни. Во неа си го гледам детството, сите копнежи, надежи и падежи, сите недовршени и несовршени минати животи… Токму таа песна ја чувствувам како мост меѓу останатите песни. Не толку структурно колку содржински. Во неа се оние стихови што ме спасуваат да не паднам во јамата. Зборува од име на едноставноста на целата оваа книга со обичниот став дека куќичката на дрво не може да биде дом.

Душата на поетот е душа скитничка. За таквите нема место што е дом. Во оваа метафора, секако, се протнува и прашањето за слободата. Куќичките за птици, исто како и гнездата, се само привремени живеалишта. Додека да се вратиме во нашиот дом во земјата, не постои подобар од небото. За птиците во буквална смисла на зборот, а за нас – доволно е само да го гледаме небото, или ако не го гледаме, да знаеме дека постои. Што би рекол Достоевски, „Ако знаеш дека сонцето постои – тоа е веќе цел живот“.

Промоцијата се одржа во „Буква“ / Фотографија: Диме Данов

Поетизираниот роман „Ронлива“ почнува со сонување. Како се родија песните во оваа збирка?

– Соновите сè уште се мојата поезија во боја што живее зад клепките, но најголем дел од песните во оваа збирка се родија кога во природата ги гледав сопствените преобразби. Кога во камењата што ѝ тежат на реката ја препознав тежината што ја имам на душата. Но и целокупните страданија и метаморфози на целиот свет. Дури и онаа на измислениот, непознатиот, туѓинецот морепловец со усни свиткани како овалниот брег, па сè до сочувствување со икарските лузни на грбот. За разлика од пишувањето проза, во која дишеме со ликовите и ја губиме границата меѓу фикцијата и реалноста, во поезијата сме сведоци на своите распетија – се распнуваме себеси, а потоа си ги собираме остатоците и со шајките си ги ковеме песните.

Трите циклуси во стихозбирката Вилнеење, Ветреење и Венеење носат чувство на цел животен циклус. Каде ја собираш мудроста на животот, а толку си млада?

– Колку убаво ме допре ова прашање! Верувам дека ние, луѓето, сме еден мал миг на сеќавање. Проблесок. Пентименто. Врз нас се исцртани многу животи. Знајни и незнајни. Лесни и тешки. Треба да ги отвориме душите како лотуси кон сеќавањата на кои не се сеќаваме. Да го видиме својот пад во паѓањето на листот, своите умирања во умирањето на денот и своите раѓања во издигнувањето на сонцето, да му дозволиме на духот да нè обзема.

Најголем дел од песните во оваа збирка се родија кога во природата ги гледав сопствените преобразби / Фотографија: Небојша Гелевски

На кој начин успеваш тежината на емоцијата да ја соочиш со тежината на зборот?

– Поезијата е природна за поетот исто како и дишењето. Кога стварноста тежи, најчесто тежи и зборот. Ги (и се) соочувам без страв дека ќе го оптоварам зборот, но едновремено се обидувам и да му ја дадам потребната леснотија и едноставност. Исто како и чувствата, така и поезијата. Копнежот не тежнее да биде некое друго чувство. И поезијата не треба да има тежнеења нешто да стане, туку едноставно да биде.

Какви чувства те нанесуваат кон твоето следно книжевно дело?

– Чувство што го изедначувам со она кога гледаш во скаменети пердуви на препарирано крило на штрк во музеј. Во простор во кој крилјата се целосно немоќни, но сè уште достојни да бидат предмет на восхит. Така се чувствувам кога размислувам за нештата што во овој миг ги создавам. Не со намера да завршат со ново книжевно дело. Не со намера нужно да ме испратат кон подобро утро, туку да ме потсетат на вчера што не го помнам.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 286, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 21-22.6.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот