Моника Илкова и нејзините илустрации / Фото: Приватна архива

Разговор со Моника Илкова, основач на „My Wave“: Илустрации со љубов што поместува планини

„’Мy Wave’ е мало бранче што кога ќе порасне, сака да биде големо езеро, па и море. ‘My Wave’, затоа што сите имаме нешто или некој што нè бранува, нè исполнува, ни прави убаво чувство (човек, вода, планина)“, вели Моника.

Лабавизам (именка) – правец на бегство од секојдневното живеење на планина, езеро, море, најчесто со шатор. Вака Моника Илкова го дефинира т.н. бегство кон кое копнее секој од нас, особено на крајот од напорната работна недела.

Таа е магистер по македонска книжевност и лектор по македонски јазик на Универзитетот во Ниш. Оние што ја следат на социјалните мрежи ќе се согласат со тоа дека оваа млада девојка е неверојатен креативец во својата експресија и одличен раскажувач на приказни, дури и преку фотографија.

Покрај книжевноста и јазикот, таа се занимава и со графички дизајн, а своите илустрации ги објавува на својот инстаграм-профил под името „My Wave“ („Мој бран“). Илустрациите на Моника може да се нарачаат испечатени на постер или како честитка.

„’My Wave’ се роди на почетокот на пандемијата, кога сите баравме свој начин да ги исполниме деновите со нешто убаво кога мораше да останеме дома. ‘My Wave’ беше мојот начин, по малку инспирирано од ‘My Way’ на Синатра. ‘Мy Wave’ е мало бранче што кога ќе порасне сака да биде големо езеро, па и море. ‘My Wave’, затоа што сите имаме нешто или некој што нè бранува, нè исполнува, ни прави убаво чувство (човек, вода, планина)“, вели Моника.

Моника, каде го фаќате „својот бран“ на инспирација?

– Најмногу во вода и покрај вода. Водата во сите нејзини облици уште на почетокот ми беше најголема инспирација – од капка роса, до цел океан. Преспанско е мојата омилена Голема вода, му ги знам сите бои и нијанси, па оттаму првите дизајни на „My Wave“ беа ептен преспански, со позајмени бои од езерото. Таму и настанаа. Освен природата, ме инспирираат луѓето околу мене. Море, сакам да те видам е најпрвата илустрација објавена на „My Wave“, инспирирана и од копнежот по морето што тогаш не ни беше достапно и од недостигањата на луѓето што ни беа далеку за време на пандемијата.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by @mywave.mk

Вие сте магистер по македонска книжевност и книгите се Ваша прва љубов. Кој начин на искажување размисли Ви е подраг – пишувањето или цртањетo?

– Пишувањето ми е прва љубов, но откако почнав да се занимавам со дизајн и во него гледам и барам приказна, па ги доживувам како едно исто. Двете се моќни пренeсувачи на порака, чувство, идеја, различни им се само изразните средства. Често пишувам по нешто кратко под (и на) дизајните, некако не можам да ги одвојам, кај мене се надополнуваат.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by @mywave.mk

Ако треба да изберете еден писател и еден дизајнер – со кого би сакале да поминете ден исполнет со лабавизам?

– Хаха… многу ми е драго што лабавизам, како правец на бегство од секојдневното живеење (на планина, езеро, море) има свои следбеници – лабависти. Хм, писател, ако треба македонски – Влада Урошевиќ, цел ден да му ги слушам расказите (уште едно убаво бегство), ако треба странски – Маргарет Етвуд. Дизајнер – Зомбијана (Андријана Вешовиќ, @zombijana), не размислував.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by @mywave.mk

Која од Вашите илустрации најмногу Ви ја топли душата?

– Драг ми е редизајнот на насловната страница на „Небеска Тимјановна“, кој не беше реален проект, но и новогодишните картички, се радувам кога тие топлат други души. Една од нив беше илустрација на домот во кој тогаш живеевме во Белград со мојот сега тазе свршеник и првата заедничка елка. Бев многу среќа што и други луѓе си ја даваа како новогодишна честитка со топли желби, па ете, можеби таа.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by @mywave.mk

По повод стогодишнината од раѓањето на Блаже Конески, Вие го „насликавте“ со неговите стихови. Како дојдовте до оваа креативна идеја?

– Конески ми е особено драг – и вистинскиот и илустрацијата. Илустрацијата со стихови имаше околу 700 допаѓања и повеќе од 200 ретвита во еден ден на Твитер. Ми значеше што Конески им значи на многу луѓе, па ја споделуваа илустрацијата на стогодишнината од неговото раѓање. На илустрацијата работев речиси една недела. Најпрво избирав омилени стихови, па ги вметнував на скицата, дел од нив на место на портретот каде што одговараат (во очиве зошто ми навира река – кај очите, гризам јас усни, стегам срце клето – кај устата итн.). Идејата се роди додека бев на практика во „Кома“ – дизајнерско студио во кое работевме на монографијата по повод стогодишнината од раѓањето на Конески. Тогаш решив да направам нешто мое, во знак на почит. Уживав во процесот, иако е илустрација на која најдолго сум работела. Со нетрпение го чекав денот да ја споделам.

Преспанствување е состојба на…?

– …на уживање и насладување на убавините што ги нуди Преспа: водата, воздухот, планините – Галичица од едната, Пелистер (Баба) од другата страна. Надморска височина на точка најдалеку од секојдневниот стрес. Предозираност од инспирација, не само за дизајн. Драго ми е што хаштагот #Преспанствување на Инстаграм нема веќе само мои објави. Означете, споделете кога сте таму.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by @mywave.mk

Кои се следните планови за „My Wave“?

– Да си бранува малку повеќе. Ми значи секој нов следач, поддршка, коментар, а најмногу ме радува кога бранува и други луѓе и наоѓа место во нивните домови и нивните приказни. Веќе се во подготовка новите новогодишни картички, серија илустрации – принтови, персонализирани илустрации… што би било залет за многу повеќе во 2023 година.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by @mywave.mk

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!