
Разговор со Јовица Ивановски за неговата најнова поетска книга „Скапо е сонцето“: Бегајте од поет што е нормален!
Промоцијата на најновата книга „Скапо е сонцето“ на Јовица Ивановски се одржа на 5 мај во „Лабораториум“ во Скопје, а тоа беше повод за убаво дружење со фини луѓе, но и можност да се доживеат неговите нови поетски слики.
Препорачано
Првата книга со наслов „Зошто мене ваков џигер“ поетот Јовица Ивановски ја објави во 1994, а ја промовираше во 1995 година. Оттогаш поминаа 30 години во кои објави 19 поетски книги. Неговата најнова книга „Скапо е сонцето“ многу прецизно ја опишува рецензентката Лидија Капушевска-Дракулевска.
„Заеднички именител на песните поместени во ’Скапо е сонцето‘ е вкусот за бизарното, необичното, ироничното, парадоксалното… Авторот свесно и со предумисла сака да биде наспроти востановениот ред на нештата, да го промовира начелото на абнормалното наместо нормалното… Овој поет експлицитно застанува на страната на дисхармоничното наспроти хармоничното (парадоксално, зашто стихозбирката има мошне строга и компактна композиција: 9 циклуси од по 7 песни), на апсурдното наместо идиличното… Целта е да го провоцира вкусот на потенцијалниот читател (наместо да му се додворува за да му се допадне), да го измести од колосекот на вообичаеното и конвенционално, прозаично и банално, монотоно секојдневие, да го шокира и да го поттикне на полемика со вредностите на нималку розовата реалност“ – напиша Капушевска-Дракулевска.
Од песните во стихозбирката зрачи чувството на уживање во пишувањето и лесно се забележува неговиот препознатлив стил, кој го негува во поезијата, но и во животот.
Пред десетина дена ја промовираше својата најнова стихозбирка „Скапо е сонцето“. Некако во последниве години редовно самиот си издавач на своите книги. Зошто е тоа така?
– Самиздат е руски збор од времето на СССР и значи самостојно издавање на книги одбиени од издавачките куќи или, пак, забранети од државата. Одамна поминаа тие времиња, но остана терминот и сега најчесто, барем кај нас, се однесува на книги што ги објавуваат поединци надвор од издавачките куќи.
Во случајов, јас сум издавач и уредник, сам свој мајстор и човек-оркестар. Имам повеќе обврски, но јас сум тој што одлучува каков формат ќе биде книгата, кој фонт ќе го употребам, кој ќе ми прави корица, прелом, лектура. И, што е најважно, го добивам хонорарот и целиот тираж.

Покрај силното присуство на социјалните медиуми и можноста секоја песна поединечно да биде претставена пред илјадници читатели, што е тоа што ги гони поетите своите песни да ги објавуваат во печатени книги?
– Од поетите не би требало да очекувате нешто разумно и практично (се побивам во одговорот на првото прашање, види погоре!). Нејсе, сакам нешто опипливо, мирисот на свежо отпечатена книга, шушкањето на страниците, флеки од вино на корицата, лузни од цигари, подвиткани страници, чкрабаници на маргините…
И тоа што ги објавувам книгите во печатена форма воопшто не ме спречува да објавувам песни на друштвените мрежи. Напротив, ако поминат добро може да се случи преку ноќ да го распродадам целиот тираж од 10.000 примероци. А од друга страна, замислете доколку последниве 15-20 години сите поети прејдеа на електронски изданија! Ќе имаше ли тогаш воопшто смисла штотуку завршениот Саем на книга? Ќе беше ли валиден без поезија. И верувам дека тоа сериозно ќе се одразеше врз издавачките куќи што имаа штандови на саемот, особено во финансиска смисла. Повеќето ќе банкротираа.

На промоцијата на книгата самиот беше изненаден дека за 30 години си успеал да објавиш 19 книги. Какво уживање ти донесе пишувањето на „Скапо е сонцето“?
– Чинот на создавање е магичен. Уживам додека пишувам, небаре одново се запознавам. Во песната „Припрост поет“ пишувам: „Од каде па сега ова, / од кај го извадив? – / се прашувам по секоја песна. / Да бев Чарли Паркер ќе знаев. / Толку нови работи што немаше / да знам дека ги знам доколку / не ги напишев. / Јас сè уште се запознавам. / Никакви ингениозни мисли / или есенции на душата. / Работам, се обидувам да заработам / за да ја исплатам бебиситерката / на мојот детинест мозок.“
Порано пишував едноздивки, сега потемелно работам на песните и гледам да нема ниту еден одвишен збор, а камо ли стих. Сеедно, напишав двојно повеќе песни и потоа им наоѓав место во циклусите, зашто книгата требаше да содржи 63 песни. Всушност, ја составив како песна од 63 стихови. (Моите последни книги содржат онолку песни колку што имам години.)
А бројот на објавени книги! Зачудувачки, особено за некој од кого никој не очекувал ама баш ништо. И токму затоа, кај и да е, веројатно во октомври, ќе заокружам два јубилеја – 30 години и 20 книги.
Рецензентката Лидија Капушевска-Дракулевска на промоцијата рече дека „Јовица не е филозоф, но секој поет промовира некоја животна филозофија во својата поезија“. Како лично ја дефинираш филозофијата во своите песни?
– Најпрвин да ѝ се заблагодарам на Лидија за прекрасниот текст. Толку добро ја секцирала мојата книга, а и мене, како поет и човек, како да му направила вивисекција на мојот детинест мозок.
Целосно се сложувам со неа дека не сум филозоф, ниту, пак, некогаш ќе бидам (филозофите, неретко, се просечни поети). Нормално е и секој човек да има своја животна филозофија, дури и поетите, па дури и јас. Таа е веројатно дел од секој мој напишан стих, но не би сакал многу да филозофирам за филозофијата во моите песни.
Обични луѓе и обични случки се наоѓаат во твоите песни, а пренесуваат длабоки и сурови вистини за светот денес и за човекот во тој свет. Каков осет треба да има поетот за да ги чувствува работите околу себе?
– Изострен слух и префинет вкус. Љубопитност и моќ на забележување. Чувство за правдина и бескомпромисност. Љубов кон човештвото и сурова искреност. Смисла за хумор и бруталност. Богато животно искуство и лоша меморија. И гордост и храброст и порочност и крупна душа. И стил (зашто оние што го немаат се расфрлаат со безличност). Треба да има и луцидност, но пред сè, лудост – бегајте од поет што е нормален!
(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 281, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 17-18.5.2025)