
Разговор со илустраторката и графичка дизајнерка Наталија Лукомска: Инспирација за секој цртеж, пред сѐ, ми е човекот
Илустратор на годината според издавачката куќа „Арс ламина“ е полската илустраторка и графичка дизајнерка Наталија Лукомска, која живее и работи во Скопје, а нејзините талент и имагинација добија значајно јавно признание.
Препорачано
Успешна и многу продуктивна беше 2023 година за Наталија Лукомска, а заврши со признание за најдобар илустратор на годината, кое ѝ го додели издавачката куќа „Арс ламина“. Во текот на годината со видлив успех таа соработуваше и со „Бегемот“, „Или-или“, „Паблишер“ и „Чудна шума“.
Каков предизвик беше да се креираат илустрации за повеќе различни проекти?
– Навистина, минатата година беше полна со нови илустраторски предизвици. Соработував со повеќе издавачи во Македонија. Истовремена работа на повеќе проекти бара многу дисциплина и концентрација. Добрата организација на работа за еден фриленсер е клуч до успехот за да се постигне сѐ на време, а мора да земеме предвид дека илустрирањето не е механичка работа и не секогаш сум во состојба да креирам.
Најголемиот проект беше книгата за деца „Си беше еднаш… Најубавите бајки на сите времиња“ во издание на „Арс ламина“, за која подготвив илустрации за над 50 бајки и на која работев повеќе од една година. Предизвик претставуваше не само обемот на работата, туку и задачата да илустрирам сказни што во голема мера ни се познати на сите и во нивната реинтерпретација многу често се служиме со клишеа и образци со кои растевме. Сакав да им се измолкнам на овие шеми, да ги освежам бајките со мои бои, текстури и линии, дополнителни читања и гледишта.
Признанието ми е многу драго и се чувствувам почестена и благодарна дека издавачката куќа „Арс ламина“ на тој начин потврди дека го цени мојот труд и времето посветено на проектите.

Родена си во Полска, живееш и работиш во Скопје. Во кој период од животот го откри својот афинитет кон илустрирањето и графичката обработка на книгите?
– Отсекогаш сум цртала. Се сеќавам дека како мало девојче го терав татко ми да цртаме заедно, но на почетокот ми беше поинтересно да набљудувам како тој црта за мене. Не беше уметник, но знаеше убаво да црта. Седнувавме од спротивни страни на масата во дневната соба и ги следев неговите движења и црти, одвреме-навреме доцртувајќи нешто од себе. Но, бидејќи ги гледав неговите цртежи од другата страна на масата, научив да цртам наопаку.
На првиот портрет на мајка ми, што го нацртав директно на ѕидот во нашата кујна, таа „висеше“ со главата надолу. Тогаш имав можеби пет години, но убаво се сеќавам на цртежот, бидејќи моите родители никогаш не го префарбаа тој фрагмент од ѕидот и цртежот стоеше таму додека не се преселивме во друг стан неколку години подоцна.
Потоа, во средно школо размислував да запишам уметничка академија, се подготвував, спремав портфолио, но од некои причини не се одлучив за тој пат, но целиот тој период јас пак си цртав – за себе, за другари, за во фиока…
Почнав да се занимавам со илустрирање и дизајнирање кога со сопругот решивме да отвориме издавачка куќа. Ми се отвори простор за конкретна работа да дизајнирам книги и корици. Дури тогаш, всушност, моите цртежи и идеи престанав да ги складирам по фиоките. Се радувам што сега можам потполно да се посветам на мојата пасија од детството.
Полската школа за графички дизајн е една од најпознатите во светски рамки. Како и каде ги стекна првичните спознанија за илустрација и дизајн?
– Уметноста отсекогаш била дел од моите интереси и пасии. Внимателно, уште како дете, ги набљудував и им се восхитував на полските класици на илустрацијата, како што се Јан Марќин Шанцер, Јузеф Вилкоњ, Бохдан Бутенко, Јануш Стани и др. Сакав да цртам како нив и сакав да бидам илустратор, но никогаш не сум се решила да го студирам занаетот. Понекогаш жалам што во соодветно време не сум одбрала такви студии, бидејќи сметам дека спознавањето на основите на цртањето и различните техники би претставувале голема корист за мене, но сепак продолжив по својот пат, како самоук илустратор. Денес ги следам современите уметници и автори на илустрации, постери, книги – нивниот талент, погледот на светот и уметноста, брилијантните идеи и изведби ми се инспирација и од нив учам најмногу.

Изработуваш плакати, корици за книги, цртежи за илустрација на книги. Како се појавува креацијата при работата на секое поединечно дело?
– Секоја тема – независно дали се работи за настан, книга за деца, корица за книга за возрасни, каталог, постер или нешто сосема мое – е различна и различен е и мојот пристап кон неа. Во секој случај детално го анализирам брифот, условите, насоките од тој што нарачува, внимателно го читам секој текст што треба да го илустрирам, потцртувам, си правам белешки, запишувајќи ги првите чувства поврзани со темата, мотивите што многу често веднаш ми се гледаат интересни за доловување преку цртеж, палетата на боите што според мене кореспондираат со темата.
Секогаш ми треба време да се расцртам на дадена тема, односно да пробувам, па да бришам, да тргнам по еден пат за после да скршнам и да продолжам по сосем друг. Си ја следам својата интуиција и сѐ додека не почувствувам дека самиот процес станува медитативен, знам дека сѐ уште не сум одбрала права насока.
Сепак, најважно ми е првичното чувство што го добивам кога се појавува пред мене нова тема како нова задача. Мора веднаш да ме допре, да ми направи нешто во мене на емотивен план, да ме интригира – само тогаш се решавам да ја работам. Инспирација за секој цртеж, пред сѐ, ми е човекот, неговото движење, променливост, чувствителност, па обожавам да ги пренесувам неговите карактеристики на животински ликови или предмети во детската илустрација.
Исто така, внимателно ја набљудувам природата и често вметнувам растителни мотиви, како и природни појави. Во најкреативниот момент од цртањето престанувам да ја перцепирам реалноста, потполно губам осет за времето и просторот.

Со кои автори и издавачи досега имаш соработувано во Македонија и какви се плановите за оваа година?
– Имав чест да соработувам со повеќе автори за деца, подготвувајќи илустрации за нивните дела. Ја илустрирав „Сонувалко“ од Сања Михајловиќ-Костадиновска („Бегемот“), „Кртот Sвездан“ од Николина Андова-Шопова („Или-или“), „Ши, ѕифри, копчи“ од Владимир Лукаш („Арс ламина“). Со Бистра Георгиева подготвивме пет интерактивни книги за деца од серијата „Стела и Сани“ („Паблишер“). Ја илустрирав и „Седумте некоиси и седумте македонски композитори“ од Бистра Георгиева и Александар Трајковски („Чудна шума“). За „Арс ламина“ ја илустрирав и книгата „Ремек-дело“ од српскиот писател Дејан Алексиќ.
Плановите за 2024 се доста големи. Почнав да илустрирам една поголема серија од пет книги за деца, а во најава е уште една соработка за книга за деца – но за деталите засега не би зборувала, нека останат како изненадување!
(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 213, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 13-14.01.2024)