Разговор со Игор Василев – Новоградска: Мојот вкус постојано еволуира

Повод за разговорот со Игор Василев – Новоградска е објавата на албумот со музиката од филмот „Бикини Мун“ на режисерот Милчо Манчевски, а ја отворивме и темата за компонирање филмска музика, воопшто.

Сериозен авторски багаж со музика за долгометражни и краткометражни филмови, ТВ серии, но и театарски претстави, создаде композиторот Игор Василев – Новоградска во последниве десетина години. Негова музика е користена во последните три играни филмови на Милчо Манчевски, а работи и на музиката за неговиот нов филм „Кајмак“.

Соработувал и со режисерите Андреј Волкашин, Марко Набрешник, Митко Панов, Игор Иванов – Изи, Срѓан Јаниќијевиќ, а минатата година во фокус беше со филмот „Сестри“ на Дина Дума. Негова музика е користена и во ТВ сериите „Зоки Поки“ и „Дајте музика“.

Промоцијата на саундтракот од филмот „Бикини Мун“ на Милчо Манчевски, што се одржа на 22 јули во МКЦ, беше проследена со филмска проекција и диџеј-сет во МКЦ. Музиката за „Бикини Мун“ е исклучителен проект, затоа што станува збор за филм кој, истражувајќи ја природата на вистината во филмскиот медиум, е конструиран како лажен „синема верите“ документарец, па и музиката го исполнува критериумот секогаш да биде лажна „сорсмузика“ во секоја сцена каде што ја има.

Иако премиерата на филмот беше пред пет години, промоцијата на албумот со филмската музика, со наменска дистанца, се случи на 22 јули 2022 година, а модератор на настанот беше музичкиот новинар и документарист Јане Алтипармаков. „Културен печат“ разговараше со композиторот Игор Василев – Новоградска.

Практично колку време траеше процесот од компонирањето на музиката до моментот на нејзина објава на компакт диск?

– За овој проект, работата на музиката ја започнав доста рано, уште додека филмот беше во фаза на сценарио. Процесот траеше околу 5-6 месеци до завршување на филмот. Јас не почнав веднаш со адаптација на музиката за издавање, оставив време, за да имам дистанца и да можам полесно да направам селекција. Сепак, станува збор за саундтрак во кој има многу различни музички стилови и тешко беше да се спојат во еден албум.

Јане Алтипармаков и Игор Василев – Новоградска

Специфично за музиката е што следејќи ја филмската приказна требаше да биде „лажна, сорс музика“. Каков предизвик за тебе беше компонирањето музика со строго зададен критериум?

– Кога се работи за филмска, а и секоја друга наменска музика, постојат одредени рамки кои се најчесто предодредени од дејствието, но тоа знае да биде и главниот клуч кој ја отвора креативноста. Сорсмузиката, иако на одреден начин е потесна рамка, ме натера да размислувам подлабоко за жанрот и за карактерите во филмот. Исто така, ми даде можност да работам во многу различни стилови, некои од нив воопшто не сум ги работел претходно, што за мене беше особено интересно.

Имаш повеќе соработки со Милчо Манчевски. Како во суштина се одвива меѓусебната комуникација на релацијата режисер-композитор при соработката на филмовите, како „Бикини Мун“, „Врба“, „Мајки“, „Крајот на времето“?

– На сите проекти кои досега сме ги работеле процесот почнувал со разговор за содржината на филмот и каква музика би била соодветна за него, при што во таа фаза на кратко користиме привремена музика за ориентација, но, не можете да зборувате премногу, треба да почнете да праќате музика, по можност што повеќе опции за што побргу да се доближувате до тоа што му е потребно на филмот како музичка содржина. Милчо ги преслушува или заедно ги проверуваме на интерна проекција новите предлози што ги праќам, а потоа разговараме за насоките.

Саундтракот за филмот „Бикини Мун“ има многу различни музички стилови кои е тешко да се спојат во еден албум

На твојот бендкемп-профил има уште три дигитално објавени албуми со филмска музика. Колку за самиот композитор е важно филмската музика да се појави на носач на звук, или можеби во денешно време е доволно да се појави како дигитално издание?

– Двата медиуми имаат свои предности и мани, иако ја имаат иста функција, а тоа е да ја пренесат музиката до слушателот. Стриминг-платформите се најлесен начин за дистрибуирање на музиката, слушателот ја добива практично инстант, со еден клик, но повеќето стриминг-платформи музиката ја пуштаат во кодиран формат со компресија, што во некои случаи значително го намалува квалитетот на звукот. Дури и ако го симнете албумот во некомпресиран формат, го немате задоволството на поседување физички предмет со уметнички дизајниран омот на кој можете да ги најдете сите информации во врска со музиката што сте ја купиле практично за истите пари колку што чини и даунлоуд. За мене и двата формати сѐ уште се важни. Јас сум претплатен на една од стриминг-платформите веќе со години, а исто така и сѐ уште купувам музички списанија со цд-а.

Во твојата професионална биографија во изминативе 10-ина години има над 25 филмски и телевизиски наслови за кои си ја компонирал музиката. Како себеси се најде во професијата автор/композитор на филмска музика?

– Од секогаш ме интересирале различни видови музика и мојот вкус постојано еволуира, затоа и се најдов во театарската и филмската музика. Таму имам можност да работам нови, современи стилови. Инаку, почнав да создавам музика уште како мал и секогаш повеќе ме привлекувало создавање на свое наспроти изведување туѓо дело. Како пример, песната „Aјде да летаме“ ја направив кога имав 15 години.

На почетокот работев театарски претстави, кратки филмови и реклами, а во 2009та ја добив првата можност да работам долгометражен филм. Тоа е филмот „Maјки“ на Милчо Манчевски.

Кои се следните проекти на кои работиш и кои треба наскоро да се појават?

– Моментално работам музика за театарската претстава „Лагата“ во режија на Бесфорт Идризи во Македонскиот народен театар, чија премиера се очекува на почетокот на септември. Исто така, работам музика за ТВ серијата „Бистра вода“ на Јане Бојаџи, за краток филм кој се вика „Так-так“ во режија нa Јане Алтипармаков, како и други проекти за кои е рано да зборувам.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 138, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 23-24 јули 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот