Ана Ристоска Трпеноска / Фотографија: Johanna Stadlmann

Разговор со драмската авторка Ана Ристоска Трпеноска: Мислам дека сум добар забележувач на туѓи емоции и приказни

Драмската авторка Ана Ристоска Трпеноска е меѓу ретките чии драми се објавени во книжен формат, а голем дел од нив се поставени и на театарската сцена како идеална комбинација за секој што се нафатил да пишува драмски текстови.

Издавачот „Перун Артис“ со истенчено чувство за специфичен театарски сензибилитет и стил објави збирка со четири драмски текстови од Ана Ристоска Трпеноска. Нејзиниот текст „Парови“, пак, е објавен во списание за култура, а пред два месеца премиерно беше поставен и на сцената во Драмски театар Скопје. Иако живее и работи во Виена, драмската авторка Ана Ристоска Трпеноска впечатливо е присутна и на културната сцена кај нас.

Некако истовремено се случи појавата на четири твои драми во книга во издание на „Перун Артис“ и објавата на драмскиот текст „Парови“ во списанието „Културен живот“ (1-2/2024). Што за авторот значи објавата на драмските текстови во книжен формат?

– Иако драмските автори првенствено ги пишуваат своите текстови за да бидат изведени во театар, многу е важно текстовите да добијат и печатено или дигитално издание. Театарската претстава постои сега и овде, за одредена публика на луѓе што ќе ја видат. Драмските текстови за разлика од претставата можат да го продолжат својот живот и во книжен формат и со тоа да бидат видливи и за поширока читателска публика, да бидат преведени или одново поставени на други сцени. Така што, секако, ми значи издавањето на дел од моите драми во книга, како и објавувањето на наградениот текст „Парови“ во релевантното македонско списание за култура „Културен живот“.

Книга „Драми“ во издание на „Перун Артис“

Секако, значајно е истите да бидат поставени и на театарската сцена. Колку од твоите текстови се поставени и како ги „читаш“ кога ја гледаш нивната изведба во театар?

– Досега ми се поставени девет текстови од режисери со кои заедно студирав или сме генерациски блиски. Мојата работа како автор практично завршува со предавањето на текстот и режисерите ја имаат комплетната слобода во неговата изведба, бидејќи тие ја потпишуваат претставата. Мислам дека токму заради генерациската блискост и тоа што на некој начин сме имале исти размисли и ставови за театарот, општеството и времето во кое живееме, изведбата на текстовите секогаш била многу „точна“ до она што како автор сум го замислила/напишала.

Твоите текстови се со современи тематики каде човекот е ставен среде некаква катастрофа, физичка или психолошка. Од каде тргнуваш со пишувањето на одреден текст, од приказна или од состојба?

– Јас мислам дека сум добар слушач, забележувач на туѓи емоции и приказни, а на моменти сум и преемпатична со туѓите судбини. Тоа, од една страна, е некаков вид на „товар“ за мене, но, од друга страна, го прави мојот емоционален свет многу богат. Мислам дека истовремено настануваат емоцијата, состојбата и приказната за којашто сакам да пишувам. Секоја драма ја почнувам со некакво чувство, некаква емоција која е толку силна што морам да ја преработам преку пишување и да се ослободам од неа, а е поврзана со некоја конкретна приказна, лична или туѓа.

Актерската екипа во претставата „Парови“ во Драмски театар Скопје

Пред крајот на театарската сезона текстот „Парови“ беше поставен на сцената во Драмски театар Скопје. Имаше ли потреба од дополнителна комуникација со режисерката и со актерите во текот на процесот на поставување на претставата?

– Не само во овој процес, туку и во претходните процеси на изведби на мои текстови сум била во постојана комуникација со екипата до самата премиера. Како автор имам своја финална верзија на драмски текст зад која стојам целосно. Но, имам и огромно разбирање за процесот на работа на режисерите и актерите и верувам дека во тие процеси текстовите навистина можат да се надградат. Затоа и за кариерата на секој драмски автор е многу важно текстовите да му се поставуваат, бидејќи на тој начин се развива и тој како автор и учи, практично што функционира или не функционира во неговиот текст на сцена.

Потекнуваш од театарско семејство. Татко ти е еден од бардовите на македонскиот театар Кирил Ристоски, а во Виена живееш со театарскиот сценограф Константин Трпеноски. Што театарот лично ти значи?

– Кога имав осумнаесет години, татко ми со сите сили се обидуваше да ме одврати од желбата да се занимавам со театар. Тогаш не го разбирав бидејќи театарот (посебно неговата професија – актерството) ми изгледаше како најубавата професија на светот. Сега, многу добро го разбирам и јас би била среќна доколку моето дете не се занимава со театар или со уметност, воопшто.

Сѐ уште сметам дека ова е најубавата професија на светот (посебно мојата професија – пишувањето), но покрај сето тоа задоволство во создавањето театар, зад овие кратки мигови на успех, на јавна презентација и позитивен фидбек од публиката, се и години поминати во пишување и неизвесност, паралелно работење втора професија вон театар, емотивни падови, растргнатост помеѓу професијата и приватниот живот итн. Така што занимавањето со театар, верувам и секоја уметност воопшто, бара челична волја, работа, упорност и емотивен склоп за да можеш да се носиш не само со успесите, туку и да ги издржиш и падовите и поразите. Оваа професија бара и уште нешто многу важно што го научив токму од татко ми, а тоа е трпеливост.

Што се однесува до Коста, негова примарна професија останува архитектурата. Иако како сценограф, навистина има завидна кариера со бројни сериозни театарски проекти и награди за истите.

Со какви работни обврски се соочуваш при секојдневниот живот во Виена?

– Оваа година на моја огромна среќа, после години паралелно работење како копирајтер, за првпат во мојот живот работев само на театарски проекти. Дали тоа ќе остане така и во иднина не знам, но посакувам. Наесен ме очекува уште еден театарски проект во Македонија. После шеснаесет години повторно работам со Јован Ристовски, кој ќе го постави мојот текст „Јас, на некое друго место“, награден од Европската мрежа за драма и превод во 2020 година. Со Шаушпилхаус Виена ја продолжувам соработката како драматург, на два нови проекти. Во новата театарска сезона ме очекува и праизведба на мој текст во Дојчес Шаушпилхаус во Хамбург.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 240, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 20-21.7.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!