Дарко Јовчевски, кафе и филм „Котур“ / Фотографија: Александра Костадиновска

Разговор со Дарко Јовчевски од „Котур“ за фестивалот „Ѕирни“: Јавните површини ни припаѓаат на сите нас

Фестивалот на филм и музика „Ѕирни“ почна како локален, маалски настан, а според бројот на присутната публика веќе се етаблира како сериозна платформа за промоција на краткометражните филмови.

Седмото издание на „Ѕирни“ се одржува од 29 септември до 6 октомври во кафе и филм „Котур“ и на платото пред Дом на АРМ во Скопје. Годинава наградата „Данчо Чеврески“ за најдобар филм во официјалната селекција ја доби „On the way“ во режија на Самир Карахода, најдобар студентски филм е „Ментор“ на Тинкара Клипштетер, најмногу гласови од публиката доби анимираниот „Неми филмови“ во режија на Крсте Господиновски, додека Специјално признание за филм од официјалната селекција доби „Остров“ на Бранко Костески.

Деталите околу фестивалската организација ни ги открива Дарко Јовчевски од кафе и филм „Котур“.

Со каква замисла го почнавте „Ѕирни“ пред седум години?

– „Ѕирни“ го започнавме како фестивал за одбележување на една година од Кафе и филм „Котур“, каде идејата беше да го прикажеме во неколку фестивалски денови она што го правиме програмски преку целата година, проекции на филмови, концерти на авторски бендови, изложби, театарски претстави итн.

Уште од самиот почеток на прикажување филмови во нашата киносала, забележавме дека има голем интерес за краткометражниот филм како форма на изразување, а воедно дека има еден недостаток на понуда каде што овие филмови може гледачите да ги видат. Најчесто нивното прикажување на големите фестивали е маргинализирано и потешко стигнуваат до поголем број публика.

Токму поради тоа одлучивме дека фокусот во натпреварувачкиот дел од нашиот фестивал ќе бидат краткометражните филмови, најпрвин започнавме исклучиво со македонски филмови, а последните три изданија официјалната селекција стана интернационална.

Во фокус на натпреварувачкиот дел на фестивалот „Ѕирни“ се краткометражните филмови / Фотографија: Александра Костадиновска

Со каков концепт го реализирате и колку филмови и концерти се на програмата на седмото издание?

– Седмото издание го реализиравме со веќе оформениот и препознатлив концепт, кој се состои од две натпреварувачки програми и тоа: Официјална програма на краткометражни филмови што се натпреваруваат за наградата „Данчо Чеврески“ за најдобар филм, која годинава вклучува осум филма, како и студентска селекција, која брои пет филма што се натпреваруваат за наградата за најдобар студентски филм.

Оваа година заедно со фестивалот „МакеДокс“ имавме и специјална проекција посветена на Илинденка Петрушева со филмот „Бабички на револуцијата“ во режија на Петра Селишкар и Бранд Ферро.

Што се однесува до концертите, ова издание ќе го одбележат два авторски концерти и тоа на македонскиот бенд „Занаду“ (концертна промоција на новиот албум „Наше после сѐ“) во Кафе и филм „Котур“, како и концертот на најактивниот и најперспективниот македонски алтернативен бенд „Луфтанза“ в недела, на 5 октомври, од 12 часот, пред Домот на АРМ, кој ќе го заокружи седмото издание на „Ѕирни“.

Филмската програма се одвиваше на платото пред Дом на АРМ / Фотографија: Александра Костадиновска

Покрај локацијата во „Котур“, филмските проекции се одвиваат на отворен простор. Како ја правите селекцијата на локациите?

– Едно од обележјата на нашиот фестивал се токму бесплатните проекции и концерти на јавни површини низ центарот на Скопје, преку кои сакаме да ги покажеме употребните вредности на јавните површини, како и тоа дека тие ни припаѓаат на сите нас и треба да сме слободни во нивното користење.

Селекцијата ја правиме јас и Димитар заедно со тимот на „Ѕирни“, каде што најчесто се предлагаат локации со големо значење за алтернативната култура, кои може да се користат токму за оваа намена, но досега не биле искористени на тој начин. Во минатите изданија тоа беа „Парк Форум“, Плочник, под мостот „Гоце Делчев“, а оваа година платото пред Домот на АРМ.

Дел од програмата е и таканаречениот „Филмски предизвик“. За што поточно станува збор?

– 48-часовниот скопски филмски предизвик е продукцискиот дел на фестивалот, кој веќе трета година по ред го организираме заедно со режисерот Игор Христов. „48h Film Challenge“ е платформа што се организира во повеќе од 50 градови низ светот и веќе три години во Скопје. Сите кои ќе го прифатат предизвикот треба да соберат свој тим и за 48 часа да создадат своето филмско дело.

Тричлено жири составено од филмски професионалци, кое оваа година го сочинуваат: Игор Христов (режисер), Горјан Атанасов (монтажер) и Слаѓана Вујошевиќ (актерка), решаваат кои се трите најдобри филмови и доделуваат три награди. Годинава за првпат е обезбедена и парична награда за најдобриот тим од нашите поддржувачи „Халк банка“.

Сите филмови што ќе бидат продуцирани, ќе бидат прикажани на 6 октомври во киносалата на „Котур“ на големо платно пред публика, а потоа ќе бидат објавени и на Јутјуб-каналот „Skopje film challenge“. Овој предизвик е наменет за филмски ентузијасти, аматери, но и за професионалци, и за нас многу брзо прерасна во најдрагиот дел од фестивалот, поради енергијата на учесниците, како и поради начинот на кој се прифаќаат филмовите од публиката.

На фестивалот беше прикажан документарниот филм „Бабички на револуцијата“ во чест на Илинденка Петрушева

Годинава одлучивте да дадете посвета на филмологот и еден од најзначајните познавачи и двигатели на филмската дејност кај нас, Илинденка Петрушева. Со каков мотив ја правите посветата?

– На секое издание на „Ѕирни“ имаме по една проекција која ја реализираме во соработка со фестивалот на документарен филм „МакеДокс“. Оваа година заеднички одлучивме дека тоа ќе биде специјална проекција посветена на Илинденка Петрушева.

За наша голема среќа, имавме шанса да се запознаеме со Илинденка кога се снимаше краткиот филм „Кино мортус“ во продукција на школата „Докуникулци“ на „МакеДокс“, и тоа токму во нашата киносала. Таа беше човекот што ни даде најобилни, прецизни и значајни информации за минатото и историјата на нашата киносала, како киносала на „Македонија филм“, до кои претходно не можевме да дојдеме. Тоа ни помогна во оформувањето на нашиот однос кон киносалата на „Котур“, подобро разбирање на нејзиното значење како двигател на филмската уметност за време на поранешна Југославија и ни даде јасна визија што понатаму треба да се случува во неа.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 301, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 4-5.10.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот