
Разговор со членовите на групата „Луфтанза“ пред нивниот настап на 24. „Оф-фест“: Луѓето се привлечени кон искреноста
Финалето на годинашниот „Оф-фест“ на 8 јуни во МКЦ ќе донесе звук на моќни електрични гитари со експерименталниот и психоделичен рок-израз на групата „Луфтанза“, моментално водечки македонски алтернативен состав.
Препорачано
Групата „Луфтанза“ се формира во 2020 година и со четири албуми, пет години подоцна, прераснаа во кормилари на свежиот бран во македонската алтернативна музика. Вредни, енергични и исклучително скромни, овие талентирани музичари ја претставуваат генерацијата на која ѝ е јасно дека формулата е многу едноставна – со искрена љубов и многу труд, резултатите пристигнуваат сами.
Покрај концертите во Скопје, досега настапиле во Унгарија, Полска, Естонија, Латвија, Литванија, Словенија, Хрватска, Србија… Нивната селекција во програмата на 24. „Оф-фест“ е уште еден поттик и патоказ да продолжат со развојот на својот бескомпромисен музички израз.
По пет години вредна и напорна работа стигнувате до настап на „Оф-фест“. Што како група ви значи што Оливер Белопета ве избра за настап на фестивалот?
– Драго ни е дека не е незабележана нашата музика. На „Оф-фест“ имаат свирено (и свират) безброј прекрасни артисти и чест ни е што сме дел од истата програма во која и тие учествувале (и учествуваат). Можеби сѐ ова значи и некое признание од организациската страна. Им благодариме.
Која е локалната приказна што ја носите и ја пренесувате преку вашата музика?
– Поетичноста во гласот на секоја личност се состои во безрезервно, емотивно кажување на тоа што го мисли и чувствува, со доверба во и разбирање на другите луѓе, пријателите, другарите. Често не се разбираме во оваа земја. Ама не е невозможно, ако се сака. Со љубов. Смогот, големиот град, малиот град, сиромаштијата, моралниот и душевниот банкрот, трагикомична приказна со крај во исчекување. Крај кој крои кој?
Имајќи предвид дека веќе сте настапувале на фестивали низ Европа, како интернационалната публика ве прифатила и ја препознала приказната?
– Во наше искуство, луѓето се привлечени кон искреноста. Без разлика што повеќето луѓе на странските сцени не го разбираа она што го пееме на буквален начин, го чувствуваа и ја распознаваа суштината, на музиката и на приказната воедно. Бевме убаво прифатени. Има добри луѓе насекаде. Само треба да се најдат.
Бендот е составен од повеќе музичари што настапувале и во други формации. Како го креирате заедничкиот фокус во „Луфтанза“?
– Низ тоа што било досега, а со тоа и што може да биде. Бендот значи нешто за сите, зошто баш тие луѓе и на тој начин? Фокусот доаѓа од желба да се создаде нешто искрено и значајно низ нашето заедништво, кое постои поради и заради нашата душевна и уметничка складност. Љубовта, другарството, музиката, искреноста, довербата, патоказ.
Каков репертоар подготвивте за концертот на 8 јуни во МКЦ?
– Подготвивме бурен репертоар, воедно согласен со нашите желби и атмосферата на „Оф-фест“, на која сакаме да ѝ дадеме нов контекст. Со она што си го знаеме и го дознаваме, а е и ќе биде на сите нас.
(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 284, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 6-8.6.2025)