
Разговор со Билјана Кочоска, основач на „Јапан.нет.мк“: Сакура значи нов почеток
Фестивалот на јапонска култура „Сакура“ со интензивна и обемна програма, која вклучува четириесетина активности и неколку стотини учесници, на 1 јуни се одржува во МКЦ во Скопје во организација на „Јапан.нет.мк“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Граѓанската организација „Јапан.нет.мк“, која работи на унапредување на културата и општеството во Македонија преку инспирација и лекции преземени од јапонската култура, подолг период наназад на своите платформи на социјалните медиуми ги најавуваше настаните на фестивалот „Сакура“. Основач на „Јапан.нет.мк“ е Билјана Кочоска.
Таа е магистерка по комуникации и нови медиуми, активистка за човекови права и одржлива иднина, феминистка, аниме и манга фан, како и голем поддржувач на културата и уметноста. Се занимава со ПР и маркетинг, обожава нови технологии и верува дека само убавината може да го спаси светот. Со намера од зборови да премине на дела, таа е главен организатор на фестивалот на јапонска култура „Сакура“, кој на 1 јуни се одржува во МКЦ во Скопје.
Со каква цел и мисија го организирате фестивалот на јапонска култура „Сакура“?
– Нашата организација почна како виртуелно место кое ги поврзува љубителите на јапонската култура уште во 2008 година, кога започнавме со организирање мали настани наречени „Jапанорама“. Долго време постоеше, вклучувајќи постојано нови генерации со слични интереси и сѐ повеќе се ширеше, додека не замре еден период, па повторно се појави со уште поголема сила и присуство.
Првиот фестивал под име „Нихон џи“ во 2022 година имаше цел да ги поврзе културата, супкултурата и поп-културата на едно место градејќи една културна платформа што би направила поместувања во сфаќањата и делувањата на културните работници.
Вообичаено настаните од културата се насочени кон одредена специфична тема и се одвиваат паралелно во одредени затворени општествени меури, така што имате музички и литературни фестивали, имате изложби, филмски фестивали, театарски, модни, па конференции, конвенции итн. Ние сакавме сето ова да го ставиме на едно место и да ги поврземе луѓето од културата на еден настан во исто време. Токму поради тоа програмата ни е разновидна и вклучува од гејминг натпревари до модни и балетски перформанси, изложби, спорт, панел дискусии, концерти, поетски читања, работилници и филмови.

Од кога и од каде потекнува интересот за јапонската култура кај Вас и каква традиција има фестивалот „Сакура“?
– Сите што се вклучиле во нашата организација имаат различни причини зошто ја сакаат јапонската култура, но вообичаено се поклопуваат. Мене лично најмногу ме привлекува нивното високоразвиено чувство за општествена одговорност и начинот на кој ги помируваат спротивностите. Таа култура на некој магичен начин ги спојува традицијата и модерното, емоциите и рациото, приземното и невообичаеното, духовноста и практичноста.
Фестивалот на јапонска култура се одвива по третпат во нашата земја, но оваа година се ребрендиравме и имаме ново име. Концептот е ист, како што спомнав погоре, и целта е да се промовираат наши културни работници (музичари, уметници, модни дизајнери, писатели, изведувачи, занаетчии, архитекти, едукатори, како и гејмери, косплеери и спортисти) кои се инспирирале од таа далечна култура.
Што означува насловот на фестивалот?
– Сакура значи црешов цвет, а Јапонците имаат посебна почит кон цветањето на црешите, што кога се случува, сите излегуваат да ги гледаат и да уживаат во тој краток момент восхитувајќи им се и подзастанувајќи со своите секојдневни обврски за да ја доживеат ефемерноста на постоењето и кратките мигови на убавина, на кои нè потсеќа природата. Сакурата означува и почеток, a во Јапонија не само што е на почетокот на пролетта, но и на почетокот на фискалната и школската година, која за разлика од Западот е во април. Поради тоа и во многу аниме филмови, цветањето на црешите е често присутно, особено во оние каде што дејството се одвива во школо. Сакура значи нов почеток, обнова, но и краток прозорец во времето кога може да се восхитуваме на убавината на постоењето.

Еднодневниот фестивал го организирате во МКЦ. Колку активности и учесници се планирани за учество?
– Како што спомнав и претходно, фестивалот ни е концентриран во еден ден токму за да поврземе повеќе луѓе на едно место во исто време, така што размената на знаења, творештво и убавина ќе биде концентрирано и во поголеми количини. Списокот на случувања е долг. Имаме три концерти од млади музичари, еден пијано концерт, балет, три панел дискусии (за јапонска култура и природа, архитектура и филм), пет боречки вештини, две работилници, презентации и церемонија на пиење чај, цртање во живо, две групни изложби, четири натпревари во гејминг, четири модни дизајнери, два ресторани со јапонска храна и над 15 излагачи на базар за изработки, аниме квиз, косплеј презентација и мануелно принтање во живо.
Мото на фестивалот е „Расцути ја иднината“. Какво е влијанието на јапонската култура во нашето општество?
– Мотото на фестивалот повикува на акција и сопствена одговорност кон општеството кое го градиме заедно. Темата на која ставаме акцент оваа година е природата и одржливоста и токму од таму и доаѓа овој повик. Инспирирани сме од јапонскиот концепт „мотаинаи“, кој значи „не троши“, односно се однесува на тоа дека нешто што нас ни изгледа како ѓубре, за некого може да е богатство и треба да внимаваме на тоа како се однесуваме со нештата кои ги поседуваме и природата која ни е дадена.
Овој концепт Јапонците го користат во својот секојдневен живот и кај нив постои голема свесност за рециклирање, одржливост и чување на природата. Сакаме на некој начин да го пренесеме овој став на нашиот народ и да научиме нешто од оваа древна цивилизација, односно да ги преземеме навиките што функционираат. Иако нашата традиција има многу сличности со источната култура, некако како да сме подзаборавиле на нив, па ова е шанса да се потсетиме и да почнеме да веруваме повеќе во себе и нашата моќ постојано да се подобруваме.
(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 233, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 1-2.6.2024)