
Разговор со Бети Котовчевска: Бетика од Ресен се искачи на Алпите без храна и вода, само во шорц и маица
„Искачувањето гладна на Алпите и само по шорц и маица не ми падна воопшто тешко, напротив, ми даде уште повеќе енергија. Но, тоа што се качувавме и без да се напиеме капка вода, не беше едноставно и си го поставував прашањето дали ќе издржам до крај“, вели „ледената Македонка“.
Бети Котовчевска (27) од Ресен, или позната во јавноста како Бетика – ледената Македонка, неодамна беше на експедиција, искачување на Алпите во Франција, организирана од екстремниот холандски атлетичар Вим Хоф.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Но, ова искачување се разликува по тоа што на Алпите се искачи во шорцеви и маица, а дополнителен предизвик е, како вели таа, тоа што се искачувале сосема гладни и без да се напијат воопшто вода. Ова е уште еден предизвик со кој се соочи и за кој вели дека не било тешко, иако за оваа експедиција се потребни големи подготовки.
Инаку Бетика е најмладата на оваа експедиција, која ја предводеше инструкторот Леандре Омеир.
– Искачувањето гладна на Алпите и само по шорц и маица не ми падна воопшто тешко, напротив, ми даде уште повеќе енергија. Но, тоа што се качувавме и без да се напиеме капка вода, не беше едноставно и да бидам искрена, одвреме-навреме си го поставував прашањето дали ќе издржам до крај. Искрено, на моменти ми доаѓаше да почнам да гризам од снегот, но не, издржав, бидејќи тука бевме со една цел, а тоа е откривање на целосниот потенцијал на човековото тело – раскажува Бетика во интервјуто за „Слободен печат“.

„Ледената Македонка“ во разговорот откри дека патешествието почнало рано наутро, кога температурата била исклучително ниска, а дувало и малку ветер.
– Искачувањето одеше бавно, чекор по чекор, здив по здив. Денот полека се будеше и сонцето веќе беше излезено. Имавме прекрасни услови за искачување. Нашиот целодневен фокус беше присутност во сегашниот момент. Тоа се постигнува со бавно, длабоко дишење од дијафрагма. Дишењето е буквално сè, тоа ни го олесни патот и ни овозможи да сме целосно силни, сигурни во себе за да истраеме до крај – раскажува Бетика за техниката на искачување во поинакви услови.

Кога стигнале на половина пат, нивниот инструктор Леандре им рекол дека најдобро е да одморат, така што ќе легнат на снегот. И на овој начин не само што се одмора телото, туку и духот.
– Седнавме на снегот и пополека влегувавме во медитација додека телото мрзне, мораш само да дишеш. Во тој миг, го исклучуваш мозокот, не чувствуваш ништо, па чувствуваш како да се гасиш, па пак мрзнеш. Не велам дека е лесно и дека не беше борба да се издржи, но тајната е во контролата на умот, на мозокот. По одреден период веќе мораш да се избориш со ладното, и тогаш сфатив дека сум посилна – открива Бетика.

Останале така цели 20 минути на снегот. А, кога станале да продолжат понатаму, раскажува таа, нејзиното тело било закрепнато и спремно да продолжи…
Бетика открива дека најмногу стравувала за коленото, кое реагирало на студот, но и таа болка била надмината.
– Кога пополека се приближувавме кон целта, нашиот инструктор повторно ни рече да легнеме во снегот. Овој пат бевме збиени еден до друг сите како една целина, сите заедно се фативме за раце и ја пренесувавме енергијата. Овој пат беше полесно, морам да признам, барем за мозокот – раскажува Бетика.

– Ова беше едно прекрасно и незаборавно патешествие, и ако некој ме праша дали повторно би одела, ќе му речам, дефинитивно, затоа што на тој начин го откриваме нашиот најголем човечки потенцијал – вели Бетика, која на јавноста ѝ стана позната откако почна да влегува во студени води, чија температура оди до минус 34 степени.