
Разговор со Александра Нашевска за нејзината уметничка работа со „кончарење“: Човечкиот дух не одекнува со еден единствен глас
Конец, платно и многу трпение ѝ се потребни на Александра Нашевска да создаде едно свое ново дело, кое жанровски не може точно да се дефинира, но дефинитивно претставува необична уметничка креација.
Препорачано
Претходниот пат кога разговаравме со Александра Нашевска, позната и под писателскиот псевдоним Ен Игма, во фокусот ни беа нејзините книжевни дела, романите „Вокабуларис“ и „Ходник кон амнезија“. Изложбата на неколку нејзини дела, кои деновиве беа претставени во „Буква“, го сврте фокусот кон една специфична и ретко употребувана техника која е дел од применетата уметност. Од имагинација до реализација, Нашевска ни го открива патот на креацијата.
Иако те познаваме како писателка, во овој случај зборуваме за дела од областа на применетата уметност. Како точно се нарекува стилот на твоите визуелни дела?
– Убавината на креативноста не е во компромисот, туку во одгласот кој го предизвикува, како потсетник дека човечкиот дух не одекнува со еден единствен глас, туку се пронаоѓа во соѕвездија од фантазии каде што секоја ѕвезда гори со својот уникатен, чуден оган. Верувам дека креативната душа ја носи таа искра во секој аспект од својата реалност – какво и да е „платното“, нејзиниот оган ќе најде место да засвети.
Не се ограничив само на литературата како форма на изразување на мојот внатрешен свет – свет што го преплавува креативецот бликајќи низ рацете, нотите и боите, кој ја претвора тишината во зборови, молкот во креација.
Визуелните дела што ги изработувам се уметнички слики изработени од конец, а правецот – вид колаж – во недостаток на збор – си дадов дозвола да го наречам „кончарење“.

Како дојде на идеја да се занимаваш со уметноста на овој начин, воопшто?
– Пишаниот збор, ми дава можност да отворам прозорец во ѕидот на познатото за да ѕирнеме во непознатото каде лежи одговорот дека светот е поширок од нашите навики, а нашата визија подлабока од нашите рутини со надеж дека друг ќе види низ тој прозорец и ќе го види светот прероден.
Визуелната уметност е малку поинаква – му дозволува на набљудувачот да сонува, но е, сепак, јазик (иако тивок) каде боите го кажуваат тоа што зборовите не можат.
Потребата да се изразам тивко ја донесе идејата за „кончарење“, која беше инспирирана од филигрантството – традиционално занаетчиство својствено за нашите простори.
Што е разликата помеѓу твое дело и таписерија, на пример?
– Мојата работа ја истражува напнатоста помеѓу традицијата и реинтерпретацијата преку преработка на познати слики со конец. Наместо четка и пигмент на боја, или разбој, јас користам конец, дозволувајќи му на секој потег да наликува на удар со четка. Овој превод на медиумот го забавува процесот на креација, каде секој потег има свое ехо на рака што некогаш држела четка. Овие дела не се само почит кон минатото – тие се разговори. Помеѓу уметникот и конецот, помеѓу новото и старото, помеѓу тоа што го гледаме и тоа што го чувствуваме одвнатре. Преку овој вид изработка се приближувам кон јазикот на историјата на уметноста, конче по конче.
Иако делата наликуваат на таписерија, самиот процес на изработка е различен. „Кончарењето“ е концептуално поблиско со сликањето. Се преведуваат потезите, боите и композицијата на сликите преку конец. Дава фокус кон реинтерпретација на визуелниот јазик на сликата наместо кон функцијата на текстилот.
Колку и каков материјал и колку време е потребно за една „слика“?
– Конец, платно и многу трпение. Конецот го забавува целиот процес на изработка. Што било некогаш еден единствен удар на четка станува десетици минијатурни движења на раката во ритам на повторување и прецизност. Во целата таа бавност, сликата се менува. Носи топлина, нежност и интимност на традиционална рачна изработка. На овој начин, јас се однесувам со конецот како со пигмент, но и глас, и го користам за разговор со историјата додавајќи моја лична приказна во ткаенината на веќе постојното.
Колку дела имаш направено на овој начин?
– Се фокусирам на длабочината на делата за сметка на нивниот број. Секое дело е свет во кој живеев, целосно го истражив, вложувајќи повеќе од неколку брзи, кратки погледи кон процесот на креација. Креирам како што тоа ми го наложуваат идеите и желбата. Наместо јас да ги бројам делата, се стремам секое дело да „се брои“. Квантитетот е лесен – длабочината е во работата. А јас моето време така го бројам. Сепак, полека-полека се собраа дела (оние кои ми останаа) за да се направи изложбата.
На кој начин ги избираш мотивите за делата и во кој опсег се движат идеите за работа?
– Кога избирам мотив, не е секогаш само заради самата слика, туку за животот скриен во неа. Барам парчиња кои ми изгледа како да имаат свој шепот, мелодија, дури и расправа со мене низ текот на времето. Секоја слика носи сеќавање, емоција, приказна што чека да биде откриена на еден димензионално поинаков начин – со слоевитоста на конец. Мојата рака го следи повикот на љубопитноста, на звучноста, на предизвикот и им дозволувам на конците да раскажат нова приказна оддавајќи ѝ почит на старата. На некој начин, не ги избирам јас мотивите – внимателно слушам кои од нив ќе ме одберат мене.
Што станува со писателската работа, ќе има ли и таму нешто ново?
– Да. Работам на нов роман, но тој инсистира да ги прави нештата на свој начин, па во моментов преговараме околу рокот. Мислам дека, всушност, го планира своето бегство од мојот компјутер.
(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 298, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 13-14.9.2025)