
Расте извозот на земјоделски производи, заработка од 57 милиони евра од нашиот зеленчук и овошје
Формирана е работна група што прави анализа за ефектите на субвенциите, вели министерот Цветан Трипуновски
Сериозен раст од 50 отсто на извозот на земјоделски производи е забележан во првите пет месеци од оваа година, а тоа според министерот за земјоделство Цветан Трипуновски било јасен показател дека земјоделските политики се движат во вистинска насока и дека во иднина земјата не само што ќе ги задоволува домашните потреби, туку и ќе го зголемува извозот.
Препорачано
– Споредувајќи ги првите пет месеци од 2024 година со првите пет месеци од 2025 година во делот на извозот бележиме раст над 50 проценти. Во апсолутна бројка тоа е околу 57 милиони евра што е сериозен раст. Овој раст значи дека успеваме домашните земјоделски производи да ги промовираме и надвор од границите на државата што во иднина ќе значи враќање на тоа што Македонија некогаш била да ги задоволува домашните потреби, но и да извезува. Реченицата Македонија е увозна земја за храна полека да станува минато – подвлече Трипуновски.
Тој најави дека е формирана работна група што прави анализа за ефектите на субвенциите и дека првичните анализи покажуваат дека причините за падот на земјоделското производство не се само субвенциите, но дека ќе се направи мала модификација во овој дел во 2026 година со цел да се зголеми домашното производство.