
Растат цените, расте и синдикалната кошничка – во јули чинела 65.328 денари
Во споредба со јуни 2025 година, кога нејзиното полнење чинеше 64.698 денари, во седмиот месец таа била поскапа за 630 денари
Под претпоставка дека имале доволно пари за да си дозволат да ја наполнат синдикалната минимална кошница, во јули на граѓаните им биле потребни дури 65.328 денари, пресмета Сојузот на синдикатите на Македонија. Во споредба со јуни 2025 година, кога нејзиното полнење чинеше 64.698 денари, во седмиот месец таа била поскапа за 630 денари. На оние кои изнајмуваат стан од 60 квадрати, им биле потребни 80.703 денари.
Препорачано
-Вредноста на Синдикалната минимална кошница за храна и пијалаци, за оние 63 производи кои ги следиме, за јули 2025 изнесува 23.682 денари. Во споредба со јуни 2025 година (23.167 денари) е зголемена за 515 денари. Од податоците на синдикалната минимална кошница евидентно е дека откако завршија активните владини мерки, вредноста на синдикалната минимална кошница за три месеци е зголемена за 2.637 денари односно за 4,20 отсто, додека кај храната и пијалаците за три месеци има зголемување за 2.202 денари, односно за 10,2 отсто – соопштија од ССМ.
И додека граѓаните безуспешно се борат со зголемените цени, од февруари наваму успешно се одложува преку потребната седница на Економско-социјалниот совет, на која треба да се разговара за многу проблеми со кои се соочуваат работниците. Сега се најавува дека таков собир би се одржал на крајот од јули, под претпоставка дека конечно ќе се излезе со бројката за репрезентативноста на синдикатите. Во меѓувреме беше спроведена операција за намалување на тој праг од 10 на 5 отсто, демек да има поголема застапеност и на други синдикати освен ССМ. Иако, Сојузот на синдикатите на Македонија ја исполни потребната бројка на членови од над 10 отсто од вкупниот број на работници за репрезентативност, сè уште го нема добиено решението и по речиси три месеци од пребројувањето.
-Животот во Македонија станува сè поскап, а платите недоволни за овозможување на најосновните услови за достоинствен живот и затоа е потребно зголемување на минималната плата и на сите останати плати. Минималната плата мора да се зголеми на најмалку 500 евра, а со тоа да се зголемат и останатите плати за најмалку 100 евра затоа што 55,7 отсто од македонските граѓани не можат да си дозволат еднонеделен годишен одмор. Алармантно е тоа што во вредноста на Синдикалната минимална кошница која се обидуваа да ја оспоруваат затоа што во неа според нив се предвидувало луксуз, предвиден е трошок за седум ноќевања во Дојран од 23 до 30 јуни, но половина од македонските работници не можат да си го дозволат ниту тоа – велат од ССМ.
Да потсетиме само дека Србија двапати во иста година ја зголемува минималната плата и тоа од 1 октомври 2025 година минималната плата ќе биде повисока за 9,4 проценти и ќе изнесува 500 евра, а од 1 јануари 2026 година најавено е ново зголемување и таа ќе се зголеми на 550 евра.
-ССМ бараше 450 евра, ни велеа многу бараме! Баравме и протестиравме за 500 евра минимална плата, премногу барате ни велеа, не напаѓаа, ни упаѓаа, не навредуваа, не омаловажуваа…, а нашиот работник е најсиромашен на Балканот, и во Европа – додаваат од ССМ.