НБРСМ / Фото: ,,Слободен печат'' / Драган Митрески

Раст на депозитите и на кредитирањето – граѓаните најмногу земаат потрошувачки и станбени кредити

Вкупните депозити во февруари на годишно ниво бележат зголемување од 11,1%, а вкупните кредити раст од 11,5%, соопшти Народната банка.

Во февруари 2025 година, паричната маса оствари месечен раст од 0,2%, под влијание на зголемените депозитни пари и долгорочните депозити до две години, додека краткорочните депозити и готовите пари во оптек бележат намалување. Годишниот раст на паричната маса изнесува 9,2% и пред сè произлегува од повисоките депозитни пари и долгорочните депозити до две години, при помал позитивен придонес и на готовите пари во оптек и краткорочните депозити.

Вкупните депозити, во февруари, се зголемени за 0,4% на месечна основа, во целост како резултат на растот на депозитите на секторот „домаќинства“, во услови на пад на депозитите на корпоративниот сектор. Споредено на годишна основа, забележан е раст од 11,1%, поради зголемените депозити на двата сектора, со поизразен придонес кон растот на депозитите на секторот „домаќинства“.

Во февруари, вкупните кредити бележат раст за 1,1% и 11,5% на месечна и на годишна основа, соодветно. Промената кај двете основи е резултат на зголеменото кредитирање на двата сектора, при поизразен придонес кон растот на кредитите на корпоративниот сектор.

Вкупните депозити на корпоративниот сектор, во февруари, остварија месечно намалување од 1,0% како резултат на падот на краткорочните депозити во странска валута, додека останатите компоненти забележаа раст. Годишниот раст изнесува 7,4% и произлегува од повисоките депозитни пари, краткорочните депозити во денари и долгорочните депозити во денари и во странска валута, при забележан пад на краткорочните депозити во странска валута. Во февруари, кредитите на корпоративниот сектор5 забележаа месечен и годишен раст од 1,5% и 14,3%, соодветно. Притоа, месечната и годишната промена во целост се должат на зголеменото кредитирање во денари, при остварен пад на кредитите во странска валута.

Вкупните депозити на домаќинствата, во февруари, се зголемени за 0,8% во однос на претходниот месец, во поголем дел под влијание на зголемените депозитни пари и долгорочни депозити во денари и во странска валута, а во помала мера и на краткорочните депозити во денари и во странска валута. Депозитите на домаќинствата бележат годишно зголемување од 13,1% како резултат на повисоките депозитни пари и долгорочните депозити во денари и во странска валута, во услови на намалување на краткорочните депозити во странска валута и во денари. Овој месец, кредитите на домаќинствата забележаа месечно и годишно зголемување од 0,7% и 8,9%, соодветно. Промената кај двете основи се должи на растот на кредитите во денари и во странска валута, со поголем придонес на кредитите во денари.

Анализирано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, во февруари, кај потрошувачките и станбените кредити, како најзастапени категории, е забележан месечен раст од 0,9% и 1,2%, соодветно, при годишен раст од 8,5% и 13,3%, соодветно. Во февруари, автомобилските кредити се намалени за 0,8% на месечна основа, додека на годишна основа бележат зголемување од 6,5%. Овој месец, кредитите одобрени на кредитните картички остварија месечно и годишно намалување од 1,8% и 9,0%, соодветно. Во февруари, кај негативните салда на тековните сметки и кредитите одобрени врз други основи е забележан месечен пад од 0,9% и 1,5%, соодветно, како и годишно намалување од 5,0% и 9,5%, соодветно, се наведува во соопштението од Народната банка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот