Раскол меѓу Меџити и Беџети како да продолжат „огнените“: Фракција или партија, прашање е сега!

Тие што пред една година отворено му се спротивставија на лидерот Али Ахмети, сега се пред предизвик – Меџити пропагира „огнените“ да расчистат со ДУИ и да формираат движење или партија, додека Беџети смета дека треба да останат фракција во ДУИ.

Главните протагонисти на „огнената група“, Изет Меџити и Блерим Беџети, влегоа во политичка војна која може да предизвика нов земјотрес, но сега не во ДУИ, од каде што излегоа, туку помеѓу нив, фракционерите. Тие што пред една година отворено му се спротивставија на лидерот Али Ахмети, сега се пред предизвик да ја поделат и фракцијата, бидејќи Меџити пропагира „огнените“ да расчистат со ДУИ и да формираат свое движење или партија, додека Беџети смета дека како фракција треба да ја продолжат битката за реформирање на ДУИ.

Според информации на „Слободен печат“ од двата табора, фракционерите идната недела треба да се состанат и да пресечат кој пат ќе го фатат, од што ќе зависи и дали ќе следи нов раскол помеѓу интегративците.

Како аргументи дека се во право, и приврзаниците за нов политички субјект и приврзаниците на фракционерското дејствување во ДУИ се повикуваат на базата, односно дека тоа го бара партиската структура. Според информациите, зад Беџети и зад таборот да остане фракцијата се Муса Џафери и Невзат Бејта, додека поддрша на Меџити за основање партија има од чаирскиот градоначалник Висар Ганиу.

„Исцрпени се сите можности за дејствување во рамките на ДУИ, особено откако по внатрепартиските избори викендов „ахметистите“ напаравија екстремна диференцијација и повеќе немаме партиски функции ни во ограноците. Аргумент зошто треба да расчистиме со партијата е и дека ДУИ е единствена која сега е ставена на црната листа на САД за корупција, како и речиси секојдневните скандали за криминал и корупција во врска со блиски на Ахмети, а кои ја тресат партијата. Не посакувам раскол во фракцијата, ама ако некој се обидува да ме увери дека ситуацијата во ДУИ е подобра отколку таа од пред шест месеци не може да ме убеди со тие аргументи. Тие што имаат дилема дали треба да формираме свое движење или партија и ако мислат дека изборот е да се вратат во ДУИ, тогаш не биле искрени кога почнавме да дејствуваме како „огнена група“. Откако разрешија наши приврзаници од функции на централно и на локално ниво, откако нестатутарното не самоисклучија од партијата и по нелегитимните внатрепартиски избори тешко е да му објасниш на членството дека треба да продолжиме да „војуваме“ во партијата за реформирање на ДУИ“, вели за „Слободен печат“ фракционер кој предлага нов политички субјект.

„Огнените“ неделава го сумираат незадоволството од внатрепартиските избори, по што се очекува дека ќе има прилив на нови поддржувачи. На состанок идната недела и поддржувачите за нова партија и противниците ќе излезат секој со свои аргументи. Но, според актуелното недоразбирање и разидување помеѓу Меџити и Беџети речиси е извесна поделба на „огнената група“.

Таборот на приврзаниците кои не се за формирање нова партија велат дека се уште има простор за фракционерско дејствување во рамките на ДУИ.

„Точно е, има разлики помеѓу Изет и Блерим. Сопартијците кои застанаа зад „огнените“ сметаат дека ќе отстапиме од првичната причина поради која формиравме фракција, односно дека нашиот револт и незадоволство е од дејствувањето на Артан Груби, министрите и приклонувањето на Ахмети кон нив. Инсистиравме и се уште сметаме дека треба да се залагаме за реформирање на партијата и враќање на ДУИ на примарната идеја и дејствување. Структурата не сака нов политички субјект, туку реформирање на ДУИ. Во спротивно ќе ја изневериме фракцијата. Ако се инсистира на нова партија, неминовна е поделба“, велат приврзаниците на фракционерското дејствување.

Тие додаваат дека никогаш не е доцна да се формира нов политички субјект, односно дека само по два месеца фракционерско дејствување не може да се заклучи дека ги искористиле сите механизми. Како аргумент дека сега не е време за нова партија е и тоа дека не веруваат оти ќе има предвремени парламентарни избори, но и доколку ги има фракцијата може да настапи со независна листа или во сојуз со други партии.

Несогласувањата помеѓу Меџити и Беџети дали фракцијата да прерасне во партија, веќе се рефлектира на локално ниво. Пред неколку дена сменет е директорот на „Улици и патишта“ Саит Саити, кој важи за човек на Меџити и на негово место е именуван Ќамил Ковачи, близок до Беџети.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот