
Ранѓеловиќ: Тешко до консензус за една изборна единица
Тешко ќе се постигне посакуваниот консензус за измени во Изборниот законик со цел Македонија да стане една изборна единица, оценуваат аналитичарите во врска со обновената иницијатива на малите партии за една изборна единица, која СДСМ начелно одамна ја поддржува, а неодамна ја подржа и опозициската ВМРО-ДПМНЕ, со барање да се намали бројот на пратеници од 120 на 90.
Препорачано
Според политикологот Иво Ранѓеловиќ, без разлика кој е најдобриот изборен модел за Македонија, здраво е истиот да претрпува измени во согласност со околностите во кои се наоѓа земјата во даден момент.
– Изборниот модел со една единица е чекор плус во демократизацијата на државата и добро е да му се даде шанса. Но, истиот да подразбира минимален изборен праг со цел да се избегне континуирана политичка уцена од секоја една партија која би влегла во парламентот. Ваквиот калкулус не му оди во прилог на албанскиот политички камп, напротив, зголемувањето на изборните единици би го зацврстил трендот на повеќе албански пратеници со Собранието. Оттука, тешко е да се очекува консензус – вели Ранѓеловиќ за „Слободен печат“.
Барањето на ВМРО-ДПМНЕ за намалување на бројот на пратеници, додава тој, е интересна тема за разгледување, особено во делот на тоа како би се снашле помалите партии кои се во предизборна коалиција со големите.
– Но, ваквите калкулации рефлектираат една политичка слика во која тешко може да очекуваме консензуална промена во изборниот модел – вели Ранѓеловиќ.
Во Македонија со години се дискутира за нов изборен модел – мнозински или пропорционален, со отворени или затворни листи, со или без изборен праг, со една, шест или 120 изборни единици, начинот на броење на гласовите итн, но засега нема согласност.