
Рамона Моња Кочишка од Д-Фестивал: Подготовките се најклучниот фактор во организирањето на еден фестивал
Викенд-деновите од 28 до 30 јуни во Дојран се резервирани за најдинамичниот, најшареноликиот и највесел летен фестивал во Македонија, а во разговорот со Рамона Моња Кочишка ги откриваме финесите од подготовките на Д-Фестивал.
Препорачано
Таа е задолжена за пи-ар и маркетинг во „Пасворд продукција“. Нејзините обврски за време на Д-Фестивал се комуникација со медиумите, менаџирање на социјалните мрежи, договарање интервјуа со артистите, средување на Д-Апликацијата и уште многу секојдневни обврски и изненадувања што излегуваат тековно, а се поврзани со пи-ар и маркетингот на фестивалот. И разговорот со неа е дел од описот на нејзиното работно место.
Подготовките за Д-Фестивал траат повеќе од половина година. Што се случува кога фестивалот веќе почнал?
– Подготовките се најклучниот фактор во организирањето на еден фестивал. Сѐ се одвива многу напорно и во брзо темпо, а за тоа е потребна ефективност, посветеност и добра комуникација при работата во целиот тим. Со добра подготовка имаш и добра и лесна организација. Сите бини и дел од активностите во кампот се спремни, се чека клучниот момент да дојде публиката и целосно да го оживее фестивалот. Почнуваат да се местат камперите, утрински го започнуваме денот со јога и почнува денската програма со музика од сите три бини во кампот.
Шест бини, 50+ артисти, камп, филмови, претстави, ЕУРО-натпревари и многу други активности се случуваат овие три денови. Каква концентрација и мотивација за работа се неопходни да се одговори на сите желби и потреби и на артистите и на публиката?
– Ова им го велам на сите, ова е работа кон која мора да имаш вистинска пасија и посветеност во себе. Моја водечка мотивација и на сите мои колеги е дефинитивно како реагира публиката и како го прима и го оживува нашиот концепт на овој фестивал. Секогаш се обидуваме максимално да се исполнат сите желби и на публиката и на артистите, посебно со желбите на артистите знаеме да се соочиме со предизвик затоа што, сепак, Д-Фестивал се одржува во помал и не толку развиен град. Но, со оглед на тоа што некогаш се работи и по повеќе од 20 часа во денот само за да се остварат своите, а и очекувањата на публиката, во тој момент дефинитивно преовладува и чувство на адреналин што ти ја држи концентрацијата низ текот на сите работни обврски.
Годинава имавте повеќе акции за привлекување различни генерации публика. Со каква цел?
– Ова е 14-то издание на фестивалот и сигурно досега поминале премногу генерации. Д-Фестивал е дел од еден европски проект SMA, каде што партнери ни се фестивалите „Ypsigrock“ од Италија и „Haldern Pop“ од Германија. Сите три фестивали се лоцирани во потешко пристапни области, со недостиг на генерална инфраструктура, достапен квалитетен персонал и сеопфатно страдаат, како и секоја економска активност лоцирана во периферните области на Европа.
Она што најмногу нѐ разликува од нив е возраста на посетителите, вработените, волонтерите. Во „Haldern Pop“, на пример, може да сретнете три генерации волонтери (дедо, татко и ќерка), во Италија просекот на посетителите е 35+, а ние имаме најмлада публика, што за партнерите беше преубав факт. Но, кај нас постои некое необјаснето прерано созревање, кое мислиме дека е последица на економската и политичката депресија или, пак, е стереотип.
Нашето неколкугодишно истражување покажа дека културните настани на стоење и на отворено се толкуваат како да се само за млади, средношколци или студенти, кои се и 90 проценти од посетителите на нив. Д-Фестивал сака секого да го таргетира, од најмлад до најстар, да им даде шанса да го почувствуваат фестивалот, да им понуди мотивација на сите да излезат од својата комфор-зона.
Со таа цел имаме и бесплатни настани кои се дел од Д-Фестивал, како што се „Family Day“, Симон Трпчески, Влатко Стефановски, Ману Чао, „Златно славејче“ или дури и акцијата „Собери го друштвото и зграби 4+1 бесплатен билет“.

Какви чувства обично се појавуваат во понеделник, кога фестивалот веќе е завршен?
– Чувството на исполнетост, задоволство, олеснителност се најдоминантните кај сите што се дел од организацијата на фестивалот. Границите што ги имаме поставено досега и тие што треба да ги зголемуваме и шириме за следните изданија предизвикуваат чувство на возбуда, затоа што секоја година си докажуваме самите на себеси колку повеќе можеме да дадеме и да направиме за фестивалот.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 237, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 29-30.6.2024)