
Рама ќе го соопшти составот на новиот владин кабинет на 11 септември
Во Албанија деновиве ќе се случат два важни политички настани, на 11 септември ќе биде објавен составот на новата влада, а ден потоа конституиран новиот парламент, 11. по ред по падот на комунизмот.
Препорачано
Еди Рама го има подготвено својот тим за четвртиот мандат и ќе го претстави овој четврток претпладне, 11 септември, пред членовите на Собранието на Социјалистичката партија. Како што се дознава, во владиниот кабинет, главно ќе бидат нови лица, објави албански Сот.
Ден откако ќе бидат познати новите министри, се очекува и конституирање на новиот парламентарен состав.
В петок, парламентот ќе одржи две седници. Едната од нив ќе биде претпладне кога ќе бидат верификувани мандатите, а потоа повторно истиот ден, попладне, 140-те пратеници ќе се вратат за да положат заклетва и да се избере претседател на собранието. Се избира по предлог на најмалку 15 пратеници, со тајно гласање и без дебата, со мнозинство гласови.
На изборите одржани на 11 мај Социјалистичката партија освои 83 пратенички места, опозициската изборна коалиција „За величествена Албанија“ предводена од ДП, 50, Социјалдемократската партија 3, 2 места има Партијата на можности и по едно пратеничко место „Албанија се издига“ и Движење „Заедно“.
Од 140 членови на албанскиот парламент 50 се жени. Првпат во пратеничко столче седнуваат 72 пратеници.