
Ракометарките на Ѓорче Петров на чекор од осминафинале во Европскиот куп на ЕХФ
По двете победи над црногорскиот Тиват, македонскиот женски ракометен шампион продолжува успешно сезонава на меѓународната сцена. ЖРК Ѓорче Петров денеска на гостински терен во Белгија го совлада Еупен со 39:46 во првиот натпревар од третото коло во Европскиот куп на ЕХФ.
Препорачано
Меч со доста голови, ракометарките предводени од тренерот Симе Симовски славеа со седум голови, предност која може да биде доволна за пласман во осминафиналето.
На стартот од првото полувреме подобри беа Белгијките кои водеа со 3:0 и 7:5. Следуваше серија од 6:0 на ѓорчепетровки кои до паузата го контролираа водството во своја корист. Двапати стигнуваше нашиот претставник и до пет голови позитива (21:16, 23:18).
Во првите минути од второто полувреме Еупен се закани доближувајќи се само до „еден минус“ негатива (25:24), но ракометарките на Ѓорче Петров повторно одиграа на потребното ниво и следниот период воглавно држеа предност од четири-пет голови разлика и не дозволија противникот да се врати резултатски. Пред крајот на средбата нашиот првак двапати имаше и највисоки „плус осум“ (44:36, 46:38).
Најрасположена меѓу стрелци во победничките редови беше Коларовска со 10 голови, девет имаше Николовска, а седум Ризоска. На спротивната страна осум погодоци запиша Кришер, а по седум Клермон и Буршапер.
Реваншот во Скопје меѓу Ѓорче Петров и Еупен ќе се одигра на 19 ноември.