
Работниците треба да добијат најмалку 17.150 денари- од 1 јули почнува исплатата на К-15
Доколку фирмите го исплатуваат подоцна од 1 јули, односно до крајот на годинава, износот ќе се зголемува, бидејќи тој се утврдува според основицата што важи на денот на донесувањето на Одлуката за исплата
Од 1 јули, компаниите имаат зелено светло да исплаќаат К-15 за 2025 година, а законската обврска на работодавачите е да завршат до 31 декември. Најмалиот износ на кој по два месеца може да сметаат работниците од приватниот сектор, во моментот е 17.150 денари, колку што изнесуваат задолжителните 40 отсто од последна просечна тримесечна нето-плата во Македонија – 42.230 денари – статистички просек за периодот февруари-април годинава. Доколку фирмите го исплатуваат подоцна од 1 јули, износот ќе се зголемува, бидејќи тој се утврдува според основицата што важи на денот на донесувањето на Одлуката за исплата.
Препорачано
Единствениот услов работникот да добие регрес е да биде најмалку 6 месеци вработен во фирмата и, секако, да биде уредно пријавен на определено или на неопределено работно време. За да примамат нови, но и да ги задржат постојните вработени, дел од фирмите веќе се пофалија дека ќе даваат К-15 кој ќе биде дури трипати поголем од законски пропишаниот, односно и над 50.000 денари! Некои добростоечки компании уште пред Велигден, на сметките на своите вработени веќе им го исплатиле максималниот износ, дознава „Слободен печат“.
Законодавецот предвидел казна во висина до 4.000 евра, од кои од 2.000 до 3.000 евра се за фирмата и од 500 до 1.000 евра за одговорното лице во неа, доколку регресот не се исплаќа. Газдите може да заглават и во затвор од една година доколку ги исплатат парите, а потоа ќе бараат од работниците делумно или целосно да им ги вратат. Државниот инспекторат за труд врши надзор над спроведување на процесот на исплата на регрес, по пристигната пријава или самоиницијативно по случаен избор.
– Работодавачите кај кои настанале тешкотии во работењето, ценејќи ја економско-финансиската состојба на работодавачот, можат да одат под загарантираниот минимум од 40 отсто, во согласност со Спогодбата за изменување и дополнување на Колективниот договор за приватниот сектор од областа на стопанството. Ова е дозволено само по задолжителна претходна консултација со синдикатот на ниво на гранка, односно оддел, што значи дека со спогодба потпишана од работодавачот и репрезентативната синдикална организација може да се утврди регрес за годишен одмор во помал износ од износот утврден со овој колективен договор – стои во Законот за работни односи.
Измените и дополнувањата на КД за приватниот сектор не ги пропишуваат ниту критериумите за ценење на економско-финансиската состојба на работодавачот ниту, пак, предвидуваат кој треба да ја спроведе ваквата постапка, велат експертите.
– Ова резултира со правна несигурност на работниците и неможност на Државниот инспекторат за труд да утврди прекршување на работничките права од колективен договор, поради недостаток на прецизни критериуми и постапки за утврдување на тешкотиите во работењето на работодавачот. Таквата ситуација овозможува за работодавачот да е доволно едноставно да приложи завршна сметка во која ќе покаже помал профит во календарската година, во споредба со претходната, за да докаже дека имал тешкотии во работењето и да исплати помал регрес за годишен одмор од предвидениот минимум од 40 отсто од основицата – објаснуваат од ССМ.
Од пред две години, со новиот Општ колективен договор за јавниот сектор 2, правото на регрес за годишен одмор како општа категорија во износ од 10.000 денари, стана задолжително и за сите работодавачи од јавниот сектор. Поточно, за првпат по две децении, регрес добија и наставниците. Освен наставниците регрес добиваат и органите на државната и на локалната власт и друг државен орган основан во согласност со Уставот и закон, како и институциите од науката, здравството, културата, трудот, социјалната заштита и заштитата на детето, спортот, како и други дејности од јавен интерес утврдени со закон, а организирани како агенција, фонд, јавна установа и јавно претпријатие основано од Република или од општина, од градот Скопје, како и од општина во градот Скопје.
– Неисплата не е во опција, а нема ни оправдување за непочитување на Колективниот договор – децидни се од ССМ. Судовите постапуваат по тужбите што ги поднесоа нивните членови, а има и пресуди во нивна корист. И покрај високите казни, лани до ССМ се евидентирани над 3.000 обраќања за прекршено право на регрес за годишен одмор.
Речиси 460 илјади работници примиле регрес за 2024 година
Како што веќе пишуваше „Слободен печат“, најмногу работодавачи дале регрес за годишен одмор во 2019 година – 44.839, а најмногу работници – 459.451 добиле К15 во 2024 година, покажува статистиката на Управата за јавни приходи, за тоа како од 2018 до лани се одвивала исплатата на ова работничко право. Од нивните статистики произлегува и дека просечно исплатените средства за овие седум години, се зголемиле за 8.000 денари, односно од 10.256 во 2018, лани просекот изнесувал 18.452 денари.
До Државниот инспекторат за труд за 2024 година вкупно пристигнале 3.322 претставки. Од нив, 513 се однесуваат за неисплатен К-15.
К-15 беше вратен пред 10 години
Законската обврска за исплата на регрес за одмор беше укината во 2005 година и по девет години, со последните измени на Општиот колективен договор за приватниот сектор, повторно се воведе во 2014 година.
– Работникот има право на надоместок на трошоците поврзани со работа, утврдени со закон и колективен договор, и тоа: регрес за годишен одмор во висина од најмалку 40% од основицата, под услов работникот да работел најмалку шест месеци во календарската година кај ист работодавач… Со колективен договор на ниво на дејност или колективен договор на ниво на работодавач може да се утврди регрес за годишен одмор во поголем износ од износот утврден со овој колективен договор – стои во ОКД.