
Работниците на печатницата „Напредок“ подолг период талкаат по судовите, им должат 10 плати!
Оваа печатница беше во државна сопственост, а потоа беше приватизирана и работеше до крајот на 2023 година
Поранешните вработени во печатницата „Напредок“ се појавија во тетовскиот суд, каде што требаше да има судско рочиште за исплата на 10-те неисплатени плати. Велат дека веќе година и пол талкаат по судовите, без да ги добијат своите плати, а останале и без работа, иако имаат над 35 години работно искуство, објави ТВ21.
Препорачано
– Не ни е гајле кој е виновен, си ги бараме платите. Ни должат 10 плати. Тешко ни е. Сопругот и јас сме во иста фирма, сега сме оставени на улица, никому не му е гајле, сите креваат рамена. Судот крева рамена. Ако одам да крадам, полицијата ќе дојде и ќе ме уапси. Дали треба да ги плаќам сметките, дали треба да јадам и да живеам, да ги хранам моите деца и внуци – вели поранешна вработена во „Напредок“.
– Како може за 15 милиони да ја продадат печатницата, а да не ни ги дадат платите. Ние не сакаме ништо, сакаме нашите плати да ни ги дадат. На суд сме година и пол, нема рочиште, не знам што ќе се случи. Не прашуваат од каде ќе најдеме пари – рече друг поранешен вработен.
Вработените во печатницата „Напредок“ се вработени повеќе од 40 години и ова е една од најстарите печатници во Тетовскиот регион. Оваа печатница беше во државна сопственост, а потоа преку процесот на приватизација беше приватизирана и работеше до крајот на 2023 година.
Како што веќе пишуваше „Слободен печат“, бидејќи не дојде до договор меѓу сопствениците на печатниците „Напредок 1“ и „Напредок принт“ – Тетово („Просветно дело“), Сојузот на синдикатите поведе стечајна постапка во 2023 година. Тогаш претседателот Слободан Трендафилов истакна дека сите законски можности биле исцрпени, бидејќи педесетината вработени во овие две фирми немаа земено плата 4 месеци се без плата, а веќе подолг период немаа и здравствено осигурување. За да биде апсурдот поголем, овие две фирми во 2023 година не беа загубари, оти отпечатија и испорачаа дури 55 учебници за средното образование и го печатеа и „Службен весник“.