Владимир Путин. EPA-EFE/SERGEY BOBYLEV /HOST PHOTO AGENCY RIA NOVOSTI / HANDOUT HANDOUT EDITORIAL USE ONLY/NO SALES

Путин од воената парада во Москва: Високо го цениме придонесот на сите народи во победата над нацизмот

Русија беше и ќе остане неуништлива бариера против нацизмот, русофобијата и антисемитизмот. Вистината и правдата се на наша страна. Високо го цениме придонесот на сите народи во победата над нацизмот. Целата земја и целиот народ ги поддржуваат учесниците во специјалната воена операција во Украина, порача рускиот претседател Владимир Путин од говорницата пред присутните во Москва на централната манифестација за одбележувањето на Денот на победата над фашизмот.

Според него, Русија високо го цени придонесот на сојузничките сили во општата борба и победата над нацизмот.

„Ние високо го цениме придонесот на сојузничките сили, учесниците во Движењето на отпорот, храбриот народ на Кина, сите кои се бореа во име на мирна иднина“, нагласи Путин, додавајќи дека засекогаш ќе се памети дека отворањето на вториот фронт во Европа, по одлучувачките битки на територијата на Советскиот Сојуз, ја доближи победата.

Рускиот претседател, завршувајќи го својот говор на парадата, на сите Руси им го честиташе Денот на победата.

„Слава на победничкиот народ! Ви го честитам празникот, Денот на победата! Ура!“, изјави Путин.

Рускиот претседател Владимир Путин претходно му го честиташе Денот на победата на рускиот министер за одбрана Андреј Белоусов.

„Другар, врховен командант на вооружените сили на Руската Федерација, трупите на московскиот гарнизон се подготвени за парадата по повод 80-годишнината од победата во Големата патриотска војна“, му рекол Белоусов на Путин.

Инаку откако во последен момент своето доаѓање го откажаа лидерите на Азербејџан и Лаос, Путин на парадата нагости 27 шефови на држави, вклучувајќи ги претседателите на Кина, Бразил, Венецуела и Србија, додека од ЕУ дојде само словачкиот премиер Роберт Фицо.

И покрај протестите на претставниците на Европската Унија, словачкиот премиер Роберт Фицо и претседателот на Република Српска, Милорад Додик пристигнаа во руската престолнина. Присуството на странски лидери на парадата е првенствено знак на почит кон загинатите херои и огромниот придонес на Советскиот Сојуз во победата, бидејќи загубите меѓу советските граѓани изнесуваат речиси 27 милиони луѓе, пренесува Танјуг.

Оваа година, парадата ја одбележува 80-годишнината од победата над нацистичка Германија, со околу 14.000 војници, повеќе од 210 воени возила и аеромитинг на повеќе од 80 авиони. Учествуваат и воени единици од 13 земји, меѓу кои и Кина. Централниот настан е големата воена парада на Црвениот плоштад во Москва, со војници, тенкови, авиони и друга воена опрема.

Маршот во сите руски региони се одржува истиот ден, а регионалните власти самостојно го одредуваат времето во зависност од временската зона, со фокус на безбедноста.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот