СП- Колаж: Трамп, Путин и Зеленски

Путин му намигнува на Трамп додека Русите секојдневно заземаат по едно село, а Зеленски апси генерали

На денот на инаугурацијата на Доналд Трамп за претседател на САД, рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Русија е отворена за дијалог со САД за украинскиот конфликт, со цел да се стави крај на војната. Оваа изјава ги подотвори скриените надежи за конечно завршување на украинско-рускиот конфликт но и отвори низа дилеми дали и како би се отпочнале мировните преговори ако се земе предвид дека на теренот во моментов има жестоки борби за секоја педа украинска земја.

Имено, Путин веднаш по инаугурацијата на Трамп излезе во јавноста и го честиташе новиот мандат на својот американски колега.

„Русија е отворена за дијалог со американската влада за украинскиот конфликт. Дијалогот меѓу Русија и САД треба да се заснова на еднаквост и заемно почитување, земајќи ја предвид значајната улога на двете земји – рече Путин за време на состанокот на Советот за безбедност.

Оваа изјава на рускиот претседател навестува очекувања од Трамп, кој формално ја презема функцијата претседател на САД. Останува да се види дали ќе се одржат официјални преговори меѓу САД и Русија за украинското прашање.

Руски напредува на украинска територија

Во меѓувреме руските сили продолжуваат да заземаат територии во Украина. Според рускиот министер за одбрана, селото Лехоривка сега е под целосна контрола на руските вооружени сили.

На 20 јануари руското Министерство за одбрана исто така објави дека руските војници зазеле две населби и тоа Новоегоровка во Луганск и Шевченко во Доњецк.

„Овие успеси беа постигнати за време на активните воени операции на источниот фронт, каде руските вооружени сили продолжуваат со офанзивните дејствија“, се вели во соопштението.

Според руското Министерство за одбрана, украинските сили претрпеле загуби до 400 војници, вклучително и членови на две механизирани бригади и една пешадиска бригада.

Апсења на украински команданти поради небрежност и загуба на Харков

Додека Москва и Вашингтон ги подгреваат релациите за можна средба, тројца поранешни команданти – двајца генерали и еден полковник од украинската армија неделава се уапсени под обвинение дека не успеале соодветно да ја подготват одбраната на пограничните области и изгубиле контрола за време на битка во регионот Харков. Ова резултираше со големи загуби за украинската армија и паѓање на бројни населби во руски раце.

Државната истражна служба уапси тројца генерали чиешто недејствување доведе до губење на дел од територијата на регионот Харков во 2024 година – информираше Киев.

Која е всушност заднината на апсењето?

Службата за безбедност на Украина (СБУ) и Државното биро за истраги (ДБР) извршија апсење на осомничени поранешни команданти. Според ДБР, нивното невнимание им овозможило на руските војници да заземат дел од територијата на руралната заедница Липецк во областа Харков за време на руската офанзива минатата година.

Според извештаите на новинарот Јури Бутусов и украинскиот медиум УП, во прашање се: Бригаден генерал Јуриј Галушкин, поранешен командант на оперативно-тактичката група „Харков“, Генерал-полковник Артур Горбенко, поранешен командант на 125-та бригада за територијална одбрана „Лвов“;, Полковник Иља Лапин, поранешен командант на 415-от баталјон на 23-та механизирана бригада. Како што објави „Киев индепендент“ обвинувања против команданти се поведени поради небрежност во службата што резултираше со губење на територија, персонал и оружје, спроведена во истрагата за случајот.

Според СБУ, генерал-полковникот не успеал да ја процени можноста за обновување на непријателската офанзива и не успеал навреме да реагира на зголемувањето на борбениот потенцијал на руските сили. Нивното несоодветно водство доведе до губење на контролата над битката.

Обвинетите се товарат за „невнимание во воените дејствија“ и „организирање доброволно напуштање на бојното поле“. Според обвиненијата, им се заканува казна затвор до 10 години.

Хронологија на офанзивата и нејзините последици

За потсетување на 10 мај 2024 година, воената управа на Киев во Харков објави за интензивно гранатирање на Волчанск и други населби долж границата. Генералштабот соопшти дека руските сили почнале да ја пробиваат одбранбената линија околу 5 часот наутро.

Мапа на воени интервенции на Русите околу Харков

Руската офанзива на Харков престана за две недели. Сепак, борбите во правците Харков и Купјанск продолжуваат и денеска. Подоцна се дозна дека целта на руската офанзива всушност била да се создаде тампон-зона и да се одвлече вниманието на украинската армија од други правци.

Зеленски го впери прстот кон војската

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги обвини воените команданти за поразите на украинските сили, вклучително и губењето територии во регионот Харков. Неговиот потег ризикува негативна реакција на военото раководство, што може дополнително да ја искомплицира внатрешната ситуација во Украина.

На крајот, ситуацијата во Украина останува напната, бидејќи руските офанзиви продолжуваат и дополнително го зголемуваат притисокот врз украинските сили и политичкото раководство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот