Фариш - Дреново / Фото: Влада на РСМ

Пуштена во употреба делницата Фариш – Дреново од експресниот пат А1

Пуштена е во употреба делницата Фариш – Дреново од експресниот пат А1, дел од коридорот 10д, се скратува времето за патување. Од денеска, отворена е за сообраќај и оваа делница.

Проектот е со вкупна вредност од 44,74 милиони евра и е финансиран со заем од ЕБОР (Европска банка за обнова и развој). На пуштањето денеска присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, министерот за транспорт и врски Александар Николоски и директорот на јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски.

Фариш – Дреново / Фото: Влада на РСМ

На настанот беше кажано дека се успеа да се заврши и пушти во употреба, по неполни 6 месеци откако на почетокот на годинава, беше пуштена првата делница Градско-Дреново. Всушност, се довршија градежните работи за изградбата на делницата Фариш-Дреново од експресниот пат А1 и се доби целина од 26 километри експресен пат во Коридорот 10д со кој се скратува на времето на патување од Градско кон Прилеп, Битола, Ресен и понатаму.

-Го пуштаме во употреба експресниот пат Фариш – Дреново, во должина од 10,2 километри, со вредност од речиси 45 милиони евра – проект што е директна инвестиција во развојот, безбедноста и иднината на овој регион, на државата, на секој граѓанин. Овој пат е од витално значење и за Кавадарци, Прилеп, Битола и за Ресен. Овие пари, не завршија, како во минатото, во нечии џебови, не исчезнаа во провизии, тендери, фиктивни договори. Туку се тука, пред вас, во асфалтот, во оваа делница, во реални, опипливи дела, истакна Мицкоски.

Фариш – Дреново / Фото: Влада на РСМ
Фариш – Дреново / Фото: Влада на РСМ

– Порака дека можеме поинаку. Порака дека ако се сака – се може и доказ дека Македонија не е осудена на застој, туку е на патот на напредокот. Граѓаните имаат очекувања и ние нема да ги изневериме. Кога велиме „Ги градиме темелите на промените“, тоа не се празни зборови. Тоа се патишта како овој, тоа се училиштата кои ги обновуваме, болниците што ги реконструираме. Тоа е новата економија, новата индустрија, новите работни места што ги отвораме и тоа е новото време – време на одговорност, време на изградба. Доаѓа времето на Македонија, време на чесна власт, јасна визија и видливи резултати, посочи Мицкоски.

Директорот Трајановски, рече дека ова е значаен момент. Тој потсети дека патот бил започнат во 2016 година, во февруари месец.

Овој пат, додаде дека е многу важен за пелагонискиот регион и општо за Република Македонија.

-Со изградбата на овој пат, ќе се зголеми развојот на овој регион, ќе се зголеми туризмот, земјоделството, мислам дека ќе се намали и иселувањето, со оглед на тоа што од Прилеп за Скопје, ќе се патува за скоро помалку од еден час. Ќе се вози по безбеден и модерен пат, истакна Трајановски.

Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски рече дека им честита на сите оние коишто беа вклучени во реализацијата на „можеби втората најтешка делница од сите оние што ги работиме во моментов“

-Тунелите зад нас и планината зад нив беа навистина голем предизвик. Буквално, планина се помести за да се изведи овој експресен пат и да е безбеден, што е многу значајно. Начин за комуникација што ќе значи од Скопје до Прилеп да се доаѓа некаде за час и 15, час и 20 минути, од Скопје до Битола да се патува некаде за час и четириесетина минути, а секако по реализацијата на автопатот Прилеп – Битола, што доста интензивно се работи и за многу, многу пократко, подвлече Николоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот