
Пушењето – европско бојно поле во битката меѓу јавното здравје и индивидуалните слободи
Додека поддржувачите на забраните за пушење се потпираат на придобивките за здравјето и за животната средина, критичарите поставуваат прашање каде е границата помеѓу заштитата на општото добро и почитувањето на индивидуалните слободи во едно плуралистичко општество
Воведувањето забрана за пушење на отворени простори низ Европската Унија, стана тема на многубројни дискусии, како меѓу граѓаните така и меѓу стручњаците. Додека едни сметаат дека ваквата мерка е неопходна за да се заштити здравјето на непушачите, други ја гледаат како претерана регулација што се меша во личните слободи.
Препорачано
Сè повеќе европски земји размислуваат или веќе спроведуваат забрани за пушење во паркови, на плажи и во близина на детски игралишта, како одговор на растечката загриженост за последиците од пасивното пушење и загадувањето на околината. Oтпушоцитe станаа еден од најголемите проблеми со загадувањето, бидејќи се разградуваат бавно, а често завршуваат во морињата, реките и во парковите.
Европската Унија се обидува да најде баланс помеѓу заштитата на здравјето на населението и почитувањето на правата на поединците да пушат на јавни места. Многу здравствени експерти предупредуваат дека ризиците од пасивното пушење се особено високи на места каде што луѓето престојуваат подолг временски период, какви што се кафулињата, парковите и детските игралишта. Пушачите, од друга страна, сметаат дека на отворено ризикот не е толку голем.
Некои европски градови веќе почнаа пилот-проекти за забрана на пушењето на одредени места, додека локалните власти, како во Париз, Барселона или во Милано, веќе усвоија трајни забрани во одредени зони каде што има голема концентрација на луѓе.
Стручњаците укажуваат дека пушењето во присуство на деца, може да влијае врз формирањето на нивните навики, па затоа забраните во парковите и на игралиштата се гледаат и како форма на превенција од пушењето кај младите. Критичарите, пак, сметаат дека станува збор за несоодветна мерка што ги ограничува слободите на возрасните. Нивните аргументи се дека пушењето на отворено не е директно опасно за минувачите и дека наместо забрани, би можело да се вложи повеќе во подигање на свеста и едукација за штетноста на пушењето.
Забраната за пушење во затворени простории веќе е во сила со години во речиси сите земји на ЕУ и во многу случаи беше прифатена со одобрување. Меѓутоа, кога станува збор за отворените простори, ситуацијата е многу покомплексна.

Италија и Шпанија се меѓу првите земји што ја проширија забраната на отворени простори, какви што се плажите и парковите, особено во туристичките зони и националните паркови, сметајќи дека на тој начин ќе го намалат загадувањето и ќе привлечат поголем број еколошки свесни посетители. Тоа е и дел од пошироката стратегија за заштита на природата, бидејќи отпушоците од цигарите се еден од најголемите загадувачи на песокот и крајбрежјата. Истражувањата покажуваат дека отпушоците се токсични за морскиот свет, а нивното чистење од плажите и од парковите создава значителни економски трошоци.
Покрај здравствените и еколошките аргументи, ЕУ исто така размислува за забрана на пушењето на отворено како дел од стратегијата за намалување на бројот на пушачи на долг рок, со цел да се поттикне откажување од пушењето и да се намали стапката на смртност поврзана со болести предизвикани од тутунскиот чад. Некои предлагаат дури и зголемување на даноците на цигарите и понатамошно ограничување на рекламирањето за да се обесхрабрат новите пушачи и да се намали привлечноста на цигарите кај младите.
Сепак, противниците на забраните посочуваат дека ваквите мерки би можеле да доведат до претерана државна контрола и санкции, кои би биле непопуларни меѓу граѓаните што веќе се под притисок од различни еколошки и здравствени регулативи. Додека поддржувачите на забраните се потпираат на податоци кои јасно ги покажуваат придобивките за здравјето и животната средина, критичарите поставуваат прашање каде е границата помеѓу заштитата на општото добро и почитувањето на индивидуалните слободи во едно плуралистичко општество.
Забраната за пушење на јавни места на отворено во Европската Унија ќе биде централна тема во наредните години, додека Европа се соочува со растечки здравствени и еколошки предизвици.