Зекирија Шахани

Пукотниците неразјаснети, кампањата во заложништво

Обидот за убиство на Шаини, коинциденција или не, следува само еден ден откако потпретседателот на ДУИ, Арбр Адеми, изнесе наводи дека премиерот Христијан Мицкоски „лажно информира меѓународни претставници дека ДУИ за да предизвика немири е подготвена да убие свој кандидат за градоначалник“, што, пак, од ВМРО-ДПМНЕ и од Владата го оценија како „очајна измислица“.

Со самото тоа што оружениот инцидент се случи во ек на изборна кампања и дека повредениот е носител на советничка листа, а со тоа е дел од изборниот процес, само ургентно институционално расчистување на настанот може да спречи негова политичка злоупотреба ако се потврди дека мотивите немале политичка заднина.

Ова е ставот на аналитичарите по оружениот инцидент во Куманово, во кој беше ранет носителот на советничката листа на ДУИ во Липково, лекарот пулмолог Зекирија Шаини. Обидот за убиство на Шаини, коинциденција или не, следува само еден ден откако потпретседателот на ДУИ Арбр Адеми изнесе наводи дека премиерот Христијан Мицкоски „лажно информира меѓународни претставници дека ДУИ за да предизвика немири е подготвена да убие свој кандидат за градоначалник“, што, пак, од ВМРО-ДПМНЕ и од Владата го оценија како „очајна измислица“.

ВИДЕО: Снимки од местото во Куманово каде беше ранет лекарот и кандидат за советник Шахини

Шаини е надвор од животна опасност и веќе е пуштен на домашно лекување. Министерството за внатрешни работи трага по напаѓачот или напаѓачите.

Сефери: Целта е – што и да се случи, прстот да се впери во ДУИ

– Треба сериозно, транспарентно и ургентно да реагираат институциите. Да го расчистат и да го разјаснат овој случај за да не се остава простор за политички интерпретации од кого било. Ситуацијата секако дека е тензична. Премиерот зборува повеќе од една година дека ќе има дестабилизација. Зборуваше за секакви сценарија, но видовме дека тоа се празни зборови и обвинувања. Со тоа Мицкоски, на некој начин, сакаше да им претходи на евентуалните протести или какви било реакции. Тоа беше стратешки направено од премиерот. Целта е – што и да се случи, прстот да се впери во ДУИ. Можеби ова е најава дека „другата страна“ планира нешто такво и, во случај да има инцидент, прстот да го впери во политичкиот противник. Сепак, ова мислам дека се политички стратегии на партиите. За инцидентот јас не би сакал и не би се впуштил да манипулирам. Да почекаме компетентните институции да реагираат. Тука секако дека треба да има брза реакција – вели политичкиот аналитичар Сефер Селими.

 

Според него, од брзата реакција на институциите во расчистување на инцидентот и од идентификување на сторителот или сторителите, ќе зависи и дали ќе се „измести“ изборната кампања на партиите.

– Очекувам дека институциите ќе реагираат брзо и нема да дозволат инцидентот да се претвори во политички наратив и политичка тема. Треба да се разјаснат мотивите, дали се политички или лични и сторителите да се најдат пред лицето на правдата за инцидентот да не стане политичка тема. Ако мотивите се политички, секако дека тоа ќе стане политичка тема во кампањата, но ако се докаже дека мотивите не се политички, не очекувам дека тоа би било дел од кампањата, освен ако некој од политичките чинители не се обидува да го злоупотреби, бидејќи има такви индиции. Албанските партии што се на власт може да се повикуваат на вакви инциденти од минатото. Може ќе се обидат настанот да го злоупотребат и да креираат перцепција дека, сепак, еве, видете што се случува на другата страна – вели Селими.

ДУИ: Обид за атентат

 

Сите релевантни партии веднаш го осудија оружениот напад врз Шаини и побараа брза разрешница. Потпретседателот на ДУИ Арбр Адеми оцени дека станува збор за обид за атентат врз нивниот кандидат за советник и дека тоа е сериозен аларм за демократијата.

Пукање во Куманово: Ранет кандидат за советник во Липково, Зекирија Шахини

– Длабоко сме загрижени и потресени од оружениот напад врз Шаини, кој беше застрелан од маскирано лице и ранет. Самиот факт што среде изборна кампања се случува ваков атентат претставува сериозен аларм за демократијата, јавниот ред и безбедноста во државата. Ова не е обичен инцидент, туку тежок, намерен и морбиден чин, кој има за цел да создаде несигурност, страв и тензии – рече Адеми.

Тој побара итна и транспарентна реакција од МВР и од Обвинителството.

– Додека МВР информира дека две лица во движење пукале со огнено оружје кон едно возило, првичните факти, сведоштва и снимките од безбедносните камери јасно укажуваат на директен напад од оружено и маскирано лице, кое дејствувало со јасна намера да му го загрози животот на нашиот кандидат. Ова не е обичен случај, туку настан со силни индикации за атентат и мора да се третира како таков – рече Адеми.

ДУИ бара итна акција, без одложувања и без политички калкулации, да се идентификува и да се уапси сторителот, како и сите лица вмешани во организирањето на нападот.

– Секое молчење или институционално одолговлекување би претставувало сериозна неодговорност и директен ризик за безбедноста во државата. Кога може политички кандидат да биде нападнат со огнено оружје среде изборна кампања, тогаш ниту еден граѓанин не може да се чувствува безбеден. Предупредуваме дека толерирањето на насилството ќе има сериозни последици по јавната безбедност, изборниот процес и угледот на државните институции – рече Адеми.

СДСМ побара оставка од министерот Тошковски

 

СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски поради оружениот инцидент, што според нив, е најсериозен во пресрет на локалните избори, кој внесува сериозна загриженост за јавниот ред и мир и безбедноста на граѓаните. Министерот експресно одговори дека нема да поднесе оставка и ќе продолжи со решавање на проблемите и расчистување на, како што рече, нередот што го оставиле од СДСМ. Според Тошковски, нападите од СДСМ се очајни, неосновани и политички мотивирани.

Длабоко жалење и осуда за оружениот инцидент изрази и владејачката Вреди. Според нив, насилството нема место во нашето општество и ниедна околност не може да ги оправда делата што ја загрозуваат безбедноста и животот на граѓаните.

Шаини пуштен на домашно лекување

Шаини е во добра здравствена состојба и веќе е пуштен на домашно лекување. МВР, пак, вчера по оружениот инцидент соопшти дека „две лица во движење, од огнено оружје пукале во патничкото возило „фолксваген голф “, кое го управувал Шаини.

Шаини бил застрелан четири пати, во десното коленото и во левата подлактница. Најпрво бил пренесен во кумановската болница, а потоа и на скопските клиники, каде што му била укажана медицинска помош.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот