
„Пуцко петрол“ си добива тендери и со осомничен газда
Додека ДУИ и во ова предизборие е главната мета кон која пукаат премиерот Христијан Мицкоски и владејачката ВМРО-ДПМНЕ, компанијата „Пуцко петрол“, чиј газда, Асмир Јахоски, е син на вечниот пратеник од ДУИ, Исмаил Јахоски, и е дел од истрагата за злоупотреби со мазут, добива тендери, односно ги снабдува со гориво државните институции.
Препорачано
Сопственикот на „Пуцко петрол“ беше уапсен во март и одреден период беше во притвор, а оттогаш досега компанијата редовно склучува договори со клучните државни компании, општини кои ги водат градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ, училишта и клиники.
Иако за Јахоски се одредени мерки за претпазливост и му е одземен пасошот, последниот голем договор што „Пуцко“, компанијата од Пласница која се занимава со трговија на големо со цврсти, течни и гасовити горива го има склучено на средината на август, е со директорот на ЕСМ, Лазо Узунчев. Вредноста на договорот е два милиони евра со цел набавка на нафтени деривати за РЕК Битола и ТЕЦ Неготино.
Случај „Пуцко петрол“ – Мицкоски го прозва „тој што му стоеја на ушка“
За ова реагираше и Левица која ја обвини власта за празни флоскули за ДУИ.
– Токму газдата на компанијата „Пуцко Петрол” е осомничен, заедно со Ратко Капушевски, за криминал при набавка на мазут за ТЕЦ Неготино. Дел од осомничените кои се јавуваат во овој предмет се и поранешни вработени во АД ЕСМ, која сега повторно доделува тендер на компанијата блиска до ДУИ. Осомничените лица од ЕСМ се наоѓале на високи позиции, како генерален директор и директори на сектори и истите се товарат дека спроведувале постапки за јавна набавка на мазут, спротивно на Упатството за начинот на спроведување на јавните набавки во АД ЕСМ – реагираа од Левица.
Од она што е објавено на Електронскиот систем за јавни набавки, за овие речиси шест месеци од кога беше осомничен Јахоски, компанијата склучила повеќе од 90 договори за јавни набавки со државните институции, вредни милиони евра.
Освен ЕСМ, „Пуцко“ ги снабдува со горива и детската клиника во Козле, Македонска радио телевизија, Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, а со нафта за греење од „Пуцко“ се снабдуваат и универзитети, меѓу кои и универзитетот во Штип „Гоце Делчев“.
Од Обвинителството нема нови информации до каде е постапката за злоупотребите со зделките од 160 милиони евра за мазутот за ТЕЦ Неготино, во која се осомничени поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, Асмир Јахоски, Ратко Капушевски, сопственикот на РКМ, компанија која ги добиваше јавните огласи за набавка на мазут, и Ерџан Сулкоски кој беше сопственик на „Пацифик петролеум“.
Капушевски и неговата фирма се сомничат за злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство и перење пари, додека Јахоски се сомничи за перење пари. Според Обвинителството, имало фиктивен договор меѓу двете фирми за извлекување пари, а во два наврата, како позајмица, сопственик на својата фирма си префрлил 1,2 милиони евра (720 милиони денари), за што Обвинителството смета дека постојат сомнежи за перење пари.
Во најскоро време се очекува пристигнувањето на извештајот од вештачењето на мазутот, за што се барала меѓународна правна помош од Србија, кое според Обвинителството, е неопходно за понатамошниот тeк на постапката.
Од Обвинителството не ја исклучија можноста истрагата да се прошири и да бидат опфатени и други лица, односно да се додадат и други кривични дела, но нема нови информации дали има други кривични дела против осомничените за загрозување на здравјето на луѓето.
Мицкоски: Не може да се очекуваат резултати со овој обвинител во борбата со криминалот