
„Прво и основно, Бог“: Мицкоски одржа говор во Будимпешта, ги цитираше Трамп и Библијата
Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Будимпешта се обрати на Конференцијата на конзервативната политичка акција (CPAC), која се одржува под мотото „Ерата на патриотите“.
Препорачано
Неговиот говор вклучуваше три теми: Бог, татковина и семејство, при што уште на почетокот тој се осврна на македонскиот идентитет, тврдејќи дека некој со лажни наративи сака да го избрише.
„Живеејќи во времиња кога лажните наративи се обидуваат да ги избришат или да ги релативизираат нашите национални идентитети, ние сме тука за да го потврдиме спротивното“, рече Мицкоски.
„Прво и основно, Бог“, рече премиерот – „второ-татковината“, по што додаде дека „Македонија никогаш не се откажала од својот идентитет, а слободата се плаќа со жртви“.
„И конечно – семејството“, рече тој, по што ги повика присутните: „Да ја зајакнеме нашата духовна отпорност. Да го одбраниме нашиот суверенитет. Да го заштитиме традиционалното семејство“.
Мицкоски му се заблагодари на неговиот унгарски колега Виктор Орбан, кој, како што рече, е „еден од лидерите кои ги промовираат овие вредности во Европа и за чија активна улога треба да биде поддржан и поздравен“.
„Тоа е политика на цврсти основи и политика каде зборот е збор, цврст како карпа. И му благодарам за тоа. И ветриштата на промени кои ги започна администрацијата на претседателот Трамп е политика на раст и враќање на надежта“, рече премиерот во говорот пред колегите-конзервативци.
Мицкоски цитираше и дел од, како што го нарече, „еден впечатлив говор на претседателот Трамп“ околу „нациите кои ги бранат своите култури, своите нации и своите вредности“, а потоа наведе и извадок од Светото писмо, кој според него го илустрира фактот дека семејството е „најсветата институција што ја создал Бог“: „Ако Господ не го гради домот, напразно работат градителите”. (Псалм 127:1).
Мицкоски претходно денеска се сретна со унгарскиот премиер Виктор Орбан, а по неа објави на „Фејсбук“ дека „разговорот бил фокусиран на одличната билатерална соработка помеѓу Македонија и Унгарија, како и на можностите за нејзино натамошно продлабочување“.
„Унгарија е наш искрен пријател, силен поддржувач на македонската европска интеграција и важен стратешки партнер. Во разговорот нагласив дека Македонија останува цврсто посветена на својот европски пат, на остварувањето на европската перспектива и на зачувувањето на стабилноста во регионот. Изразив благодарност за постојаната поддршка од страна на Унгарија со уверување дека стратешкото партнерство ќе продолжи да се развива со уште поголема динамика“, вели Мицкоски во објавата.