
Првата самостојна изложба на Мартина Спасовска е со наслов „Гласна тишина“
Во Младинскиот културен центар во Скопје на 5 декември, во 20 часот, ќе биде отворена изложбата „Гласна тишина“ (Loud Silence) на младата ликовна уметница Мартина Спасовска.
Препорачано
– Мартина Спасовска во нејзините дела почетно го претставува сопствениот лик (потоа вклучува и други женски ликови видени од нејзина перспектива), не како модел(и) туку како катализатор(и) на проследување на енергијата што ја чувствува и нејзино преобликување во ликовен продукт. Таа во делата што ги создава ги надминува границите на едноставен портрет, сликата оди подлабоко од претставената индивидуа, служејќи како потресна претстава на човековото искуство и соочување со актуелните прашања на нашето време.
Преку портретните наративи навлегува длабоко во темите на ранливоста, силата и потенцијалите за трансформација кои битисуваат во сите нас. Поканува на отворен дијалог и интроспекција и ги соочува гледачите со колективните рани и болки што постојат во нас и во нашиот заеднички свет. Притоа, поттикнува подлабоко разбирање на сложеноста на нашето постоење и потенцијалот за посочувствителна и похармонична иднина.
Избегнувајќи идеализирање на портретните претстави делата на Мартина Спасовска се ослободени од своите физички граници и изведени со силна експресија и говорат, пред сѐ, за состојбата во која реалноста се преобликува во нова онтолошка метареалност. Деконструирајќи го портретот и повторно градејќи го низ одредени експресионистички потези постигнува ефект на преобразба на реалноста и се сосредоточува на неговото внатрешно доживување, трансформирање и трансцендентирање.
Во таа експресивна хармонија платното престанува да биде дводимензионална површина врз која се редат деликатни нијанси и сложени акорди на тонови, туку станува метафизички меѓупростор на визуелно конципирање на мислата во просторот – напиша Горанчо Ѓорѓиевски, историчар на уметност.
Мартина Спасовска, родена 1997 во Куманово, е млада визуелна уметница која живее во Скопје. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Таа го истражува и користи човечкото месо како главен елемент во нејзините дела, преку кои поставува повеќе прашања за начинот на кој е претставен човечкиот идентитет. Делата ги третира со сложена мешавина на страв, емпатија, деликатес, ранливост и моќ. Има изложувано на неколку групни изложби во Македонија, САД, Австрија, Грција, Косово и Турција.