Плакат за изложбата „Трансценденција“ во КИЦ-Скопје

Првата самостојна изложба на Јана Николовска со наслов „Трансценденција“ е поставена во КИЦ-Скопје

Визуелната уметница Јана Николовска е родена во 1994 година во Скопје, Македонија. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во класата на проф. м-р. Жанета Вангели во 2018 година. Првите медиуми во кои создавала се сликарството и цртањето.

Малку подоцна, таа почнала да се занимава со фотографија и дигитални уметнички дела. Таа го истражувала дигиталниот свет создавајќи многу различни колажи од нејзините фотографии, како и дигитални илустрации. Конечно, нејзиниот креативен процес ја донел до тоа да почне да експериментира и да работи со видео и звук, што ѝ отворило сосема нов интересен свет.

Првата самостојна изложба на Јана Николовска со наслов „Трансценденција“ е поставена во Културно-информативниот центар (КИЦ) – Скопје, а отворањето е на 23 април, во 20 часот.

– На оваа изложба сакам да ве поведам на едно патување. Сакам да тргнеме од крајот кон почетокот. Сакам сите да нурнеме длабоко во себе. Изложбата има за цел да направи едно патување низ различни димензии на човечката психа и внатрешност, презентирајќи пет видеоинсталации со звук во простор.

Влегувајќи од сала во сала, посетителите ќе преминуваат од една во друга сфера од изложбата. Бидувајќи во секоја сала, инспирирани од видеоинсталациите, посетителите ќе бидат во еден дух на себеспознание и интроспектива. Идејата е видеоинсталациите да допрат до душата на посетителите, отворајќи простор за размислување за самите себеси, начинот на кој живееме, битисуваме и постоиме.

Двете сали со видеоинсталации се метафори за внатрешниот, метафизички свет кој постои истовремено со надворешниот – физичкиот свет. Со тоа што посетителите ќе влезат во едната сала со видеоинсталации, тие ќе влезат внатре во себе, во внатрешниот свет, па излегувајќи од неа тие ќе пристапат во надворешниот свет. Кога посетителите ќе влезат во другата просторија со видеопроекции, тие повторно ќе влезат во себе, и повторно, излегувајќи од просторијата, тие ќе бидат во надворешноста – чувствувајќи ја поврзаноста и рефлексијата на двата света кои постојат симултано и зависат еден од друг, алудирајќи на важноста на вршењето на интроспектива и поврзување со себеси – истакнува авторката Јана Николовска.

Таа досега има изложувано на групни изложби во и надвор од земјата. Некои од местата каде што има изложено се: „Галерија МЦ“ – Њујорк, МСУ – Скопје, Галерија „Турнер Хаус“ – Велика Британија, Национален институт Музеј на Македонија – Скопје, Галерија ФЛУ – Скопје, КИЦ – Скопје, Галерија МКЦ – Скопје, Брајчино – Преспа, за време на настанот „Запознајте ја Преспа“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот