
Првата самостојна изложба на Анита Палческа носи улични фотографии посветени на Скопје
Фотографката Анита Палческа на 1 ноември ќе ја претстави својата прва самостојна изложба со наслов „skopjEmotion“, која е составена од 10 серии со фотографии направени во периодот 2011-2023 година и групирани со невидливи нишки од поврзани сеќавања, емоции и состојби низ кои поминуваме заедно со градот Скопје.
Препорачано
– Скопје е дете во душата… движење во ритам… фокусиран, а исполнет поглед… живот под еден чадор… соѕвездие од светови… самување без осаменост… мост меѓу сите наши јас… чашка чаршиски муабет… ишарет од скриено ќоше… и паралелна димензија во длабочината на еден излог… Скопје едноставно Е! – открива авторката.
Анита Палческа е родена во Скопје, се школува, работи и живее во својот роден град. Сериозно се занимава со фотографија од 2008 година. Фокусирана е на изразување преку документарната фотографија, но работи и во другите жанрови.
Уличната фотографија ја разбира како составен дел од своето секојдневие, забележувајќи ги настаните, луѓето и случувањата околу себе. Учесник е на повеќе меѓународни и домашни групни изложби, каде е добитник на повеќе признанија и награди.
Нејзината прва самостојна изложба ќе биде поставена во холот на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ од 1 до 30 ноември, во рамките на одбележувањето на 78-годишнина на Библиотеката и празникот „13 Ноември“. Настанот е дел од програмата на Град Скопје – Европска престолнина на културата за 2028 година.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 202, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 28-29.10.2023)