Првата дама Елизабета Ѓоргиевска, се сретна со првата дама на САД Џил Бајден и со Олена Зеленска

Сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска, која престојуваше во Њујорк во придружба на претседателот при неговото учество на 78 сесија на Генералното Собрание на Обединетите Нации, оствари повеќе средби и активности.

Ѓоргиевска оствари средба со Диен Кеита, помошник генерален секретар и заменик извршен директор при Фондот за население на ОН (УНПФА) на која разменија мислења и информации за претстојната конференција на високо ниво, насловена „Моќта на изборот: Телесна автономија кај жени и девојки”, чиј домаќин ќе биде Ѓоргиевска, во соработка со УНФПА, а ќе се одржи под покровителство на претседателот, во октомври оваа година.

Соговорничките се согласија дека темата на конференцијата „Моќта на изборот” е од огромно значење – правото на жените и девојките да имаат контрола над своите тела, здравје и репродуктивни права. Кеита го поздрави ангажманот на Ѓоргиевска за прашањата на кои работи УНФПА, ставајќи ја Северна Македонија високо на мапата на земји кои се активни по ова прашање.

Сопругата на претседателот учествуваше и на иницијативата за елиминирање на насилството врз жените и девојките во рамки на Самитот за целите за одржлив развој.

Mора да се стави крај на насилството врз жените, со кое на милиони жени и девојки практично им се негираат основните човекови права и можноста активно да придонесуваат во општеството и заедницата. Глобално, една од три жени е жртва на насилство, а во проценките на иницијативата, до 2025 година, дневно животите на најмалку две жени и девојки би биле спасени. Ваквите негативни трендови не изостануваат ни во Република Северна Македонија и затоа е потребно многу повеќе работа и видливи резултати, истакна сопругата на претседателот.

Ѓоргиевска присуствуваше и на приемот организиран од страна на првата дама на САД, Џил Бајден каде оствари кратка средба со неа при што ја информираше за активностите на кои работи во соработка со УНИЦЕФ и други партнери, посветени на менталното здравје кај младите и потребата од поголема грижа и системски решенија од надлежните чинители во одржувањето на менталното здравје кај младите.

Сопругата на претседателот имаше и кратка средба со првата дама на Украина, Олена Зеленска на која разговараа за неодамна одржаниот Самит за ментално здравје во Киев, од кој беше дел и Ѓоргиевска, а исто така и ја реафирмираше поддршката за заложбите на сопругата на украинскиот претседател, во контекст на заштитата на децата и нивните права.

Дополнително за време на престојот во Њујорк, Ѓоргиевска, одржа и две предавањa за студентите на постдипломски студии при Универзитетот „Колумбија” на Колеџот за дентална медицина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот