НБРСМ / Фото: ,,Слободен печат'' / Драган Митрески

Прва средба на гувернерот Славески во Стопанската комора: Девизните резерви се во добри раце и изнесуваат 4,6 милијарди евра

Банките, а не НБРСМ одлучуваат каде ќе ги пласираат своите пари, тоа што се внимателни е нивна деловна одлука, рече гувернерот на НБРСМ

Народна банка никогаш не ги насочувала банките кон одредени кредити, иако има некои кредити насочени кон обновлива енергија, а кому тие ќе даваат пари се нивно легитимно право и деловна политика, изјави гувернерот Трајко Славески на средба во Стопанската комора на Македонија. Средбата се одвиваше со прашања од претседателот на СКСМ, Бранко Азески, а едно од нив беше дали претераното администрирање на банките во однос на кредитирањето е со насочување од НБРСМ?

-Не сум направил некоја стручна анлиза, но кога бизнисот се жали на недоволна достапност до кредити, банките одговраат дека имаат доволно пари да ги кредитираат бизнисите, се разбира ако имаат издржани проекти. Претераното администрирање на банките е нивна деловна политика. НБРСМ е целосно усогласена со европските директиви и како институција не претставуваме пречка за финансирање на бизнисот и граѓаните – објасни Славески.

Гувернерот рече и дека девизните резерви се во добри раце и во моментов тие се во износ од 4,64 милијарди евра, што ни овозможува доста комотна позиција и овозможуваат четири и пол месечно покривање на увозот. Славески се согласи и дека НБРСМ има двојна улога да се грижи за финансиската стабилност, да ја држи инфлацијата под контрола, а во тие рамки да им овозможи на граѓаните и на бизнисот раст на економијата. Во однос на корупцијата, гувернерот рече дека „многу луѓе на многу места треба да работат на зголемување на борбата против корупцијата и со тоа ќе се смени перцепцијата за неа“.

Инаку, ова е прва средба на Славески со претставниците на најстарата и најбројна бизнис асоцијација, откако тој беше назначен за гувернер на Народна банка. Централна тема на разговорот, беа макроекономските политики во функција на развојот на македонската економија.

– Со реализирање на работната средба во Комората, практично се потврдува воспоставената пракса, секој нов гувернер на Народната банка на Република Северна Македонија првиот настап да го има на адресата на СКСМ, Димитрие Чуповски – соопштија од СКСМ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот