
Пругата до Ниш ќе се гради со голема донација, од Прешево со големи кредити
Србија има добиено грант од над 600 милиони евра од Инвестициската рамка за Западен Балкан. Досега нема конкретен грант за делот Ниш – Прешево – Скопје – Атина. Експертите велат дека е дискутабилно и дали ќе успееме да земеме кредит
Европската Унија главно финансиски ја поддржува модернизацијата на железничката линија Белград – Ниш, која е дел од поширокиот Паневропски коридор 10 што продолжува кон Солун и Атина. Македонија е исправена пред голем предизвик – конечно да ја модернизира пругата, железничкиот транспорт да го добие значењето што го заслужува, на бизнис-секторот да му се олесни транспортот, а граѓаните да патуваат не само во рамките на државата, туку и надвор од неа. Но, како да се обезбедат финансии?
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Министерството за финансии го продолжи рокот за доставување понуди од банките за финансирање на проектот до 7 јули. Конкретна понуда не е стигната, иако тврдењата и на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска и на министерот за транспорт Александар Николовски се идентични: има огромен интерес од банките за финансирање на проектот. Министерството за финансии има пратено понуди до 24 банки, а проценетата вредност на проектот е речиси 2 милијарди евра.
Според министерката Димитриеска-Кочоска, на банките им треба повеќе време да ги разгледаат деталите за овој опсежен проект. Според професорот Дејан Трајковски од Техничкиот факултет во Битола, банките всушност и ги немаат овие детали.
– Шансите Македонија да добие комерцијален кредит со гаранција од УК експорт фајненс (УКЕФ) за брза пруга без издржана физибилити студија и сериозна кост-бенефит анализа (КБА), се многу мали до никакви. УКЕФ не дава гаранција на слепо. УКЕФ прави своја процена на проектот, или бара: детална физибилити студија; кост-бенефит анализа и доказ за капацитетот на државата за отплата – објаснува Трајковски во деталната анализа што ја објави за финансирање на пругата.
Тој потенцира и дека без сериозна кост-бенефит анализа нема грант од ЕУ ни помош од Инвестициската рамка за Западен Балкан.
– На пример, пругата Куманово – Бељаковце – Крива Паланка доби помош дури откако беше направена нова, издржана студија појаснува професорот.
Министерката за финансии информираше дека интерес има од Европската банка за обнова и развој.
Во меѓувреме српскиот претседател Александар Вучиќ најави отворање на железничката пруга Ниш-Лесковац во следните три месеци. Како што најави претседателот, железницата ќе биде отворена за товарен сообраќај во јули, а за патнички возови кон крајот на август.
На крајот од 2023 година, Македонија и Србија потпишаа меморандум што за нашата земја треба да значи приклучок кон железничкиот коридор Будимпешта – Белград – Ниш – Скопје. Тогаш, беше најавено дека Србија и Македонија заеднички ќе бараат пари од ЕУ.
Досега нема конкретен грант за делот Ниш – Прешево – Скопје – Атина. За реконструкција на пругата Белград – Ниш добиена е донацијата на Европската Унија од околу 600 милиони евра. Водечки финансиер на реконструкцијата на пругата Белград – Ниш е Европската инвестициска банка, која одобри заем од 1,1 милијарда евра. Европската банка за обнова и развој издвои 550 милиони евра, а дел ќе се финансира од српскиот буџет. Грантот од ЕУ во износ од 600 милиони евра е преку Инвестициската рамка за Западен Балкан.
Грција на почетокот од минатата година официјално најави приклучување на проектот. Се очекува Грција да изгради железничка линија од Солун до Сехово, на грчката граница со Македонија, во должина од околу 70 километри. Со ова треба да има брза пруга од Будимпешта до Атина во должина од 1.512 километри.