Вардариште - Дива депонија - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Вардариште - Фото Слободен печат - Методи Здравев

Протести, ветувања и меѓусебни обвинувања, а „Вардариште“ сѐ уште чади и труе

Продолжуваат обвинувањата на надлежните за тоа кој е виновен за состојбата со „Вардариште“, кој требало, а не презел ништо, но и повторно се слушнаа ветувања дека депонијата ќе прерасне во парк и зелена оаза. Притоа, никој не се чувствува одговорен за состојбата на депонијата.

Депонијата „Вардариште“, по пожарот што ја зафати викендов, сѐ уште чади, загадува и го загрозува здравјето на жителите од околните населби. Поради тоа, граѓаните од Аеродром и Ново Лисиче решија со протести да го искажат своето незадоволство од децениската негрижа на надлежните, со надеж дека ќе ги натераат институциите да најдат трајно решение за овој проблем.

Тие вчера одржаа еден протест, кој беше набрзина организиран, но како што најавуваат, од денеска ќе продолжат со протестите со блокада на крстосницата меѓу булеварите „АСНОМ“ и „Србија“, секојдневно во 18 часот, сѐ додека не се најде спас од депонијата „Вардариште“, која само ова лето неколкупати се палеше.

Во меѓувреме во јавноста продолжуваат обвинувањата на надлежните за тоа кој е виновен за состојбата со „Вардариште“, кој требало, а не презел ништо, но и повторно се слушнаа ветувања дека депонијата ќе прерасне во парк и зелена оаза, нешто што веќе досега скопјани многупати го слушнаа, но досега не се реализираше.

Уште од октомври започнуваме со темелен процес за правилен третман на отпадот, целосно чистење и уредување на просторот. На ова место ќе никне еден од најголемите паркови во Скопје, зелена оаза и новите бели дробови на нашиот град на 300.000 метри квадратни – предизборно вети градоначалникот на Општина Кисела Вода и кандидат за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

ФОТО+ВИДЕО | Дишат ли надлежните друг воздух, па не преземаат ништо со „Вардариште“?

Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, во чија надлежност според информациите од Град Скопје се 60.000 метри квадратни од „Вардариште“, посочи дека на депонијата се спровела заедничка организирана акција на Општина Гази Баба, СВР Скопје, Државниот инспекторат за животна средина и Јавното обвинителство и дека се преземале активности за откривање на кривични дела на отпадите околу депонијата.

Денеска од ниедна од институциите, кои според Стефковски, учествувале во акцијата нема информација што откриле на терен и дали е фатен некој од потпалувачите и што ќе преземат за да не се повторуваат одново вакви ситуации. Од Гази Баба не одговараат ниту дали нивните инспектори се редовно присутни во „Вардариште“ и зошто во изминативе години ништо не презеле и покрај постојаното алармирање на граѓаните.

ФОТО+ВИДЕО | Трето утро „Вардариште“ го труе Скопје

Молчат и од Министерството за животна средина за проблемот со старата депонија, иако нивниот фокус треба да е токму заштитата на животната околина од загадување.

За градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески вината е во Град Скопје поради осумте години негрижа што ја довеле депонијата до колапс.

Јас сум секој ден на „Вардариште“, во постојана комуникација со сите институции – затоа што проблемот мора да се реши, а не да се турка под тепих. Повеќе од една година барам решение од Град Скопје, но Арсовска нема слух. Општина Аеродром е првата општина што поднесе кривична пријава за загрозување на животната средина, а на мое барање МВР и Јавното обвинителство веќе постапуваат и сум во директен контакт со нив. Овој пат мора да има резултати – вели Митески.

Изјавите на Митески и на Ѓорѓиевски, според Левица, се трагикомични и провидни и претставуваат предизборни манипулации и собирање евтини политички поени.

Вистината е јасна, проблемот со „Вардариште“ може да се реши веднаш, доколку постои политичка волја. Владата на ДПМНЕ има целосна можност да одземе ингеренции и соодветно да интервенира преку надлежните институции. Министерството за внатрешни работи може да ги санкционира сторителите кои палат оган, а инспекциските и управните органи имаат механизми за конечно решавање на проблемот – соопштија од партијата.

Според нив, наместо да се бараат оправдувања и да се префрла вината, треба да им се одговори на граѓаните зошто градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ четири години ништо не направија и зошто ветувањата од пред четири години за „Вардариште“ останаа само празни зборови на хартија.

ВИДЕО | Граѓанска блокада во Аеродром: „Да се реши канцерот Вардариште“

Загадувањето од дивата депонија ги мобилизира и граѓанските активисти, кои даваат поддршка до жителите што протестираат.

Од „О2 иницијатива“ упатија јавен апел до кандидатите за градоначалници да покажат колку го сакаат Скопје, како се заштитува Аеродром и како се сака Гази Баба. Тие од нив приоритетно бараат да се изработи и да се активира проектна документација за санација и ревитализација на Вардариште, за што е потребна итна изработка и носење на двата ДУП-а за „Вардариште“ од Општина Гази Баба.

Додека проектите не се готови: запечатување, оградување, осветлување, 24-часовна чуварска служба и видеонадзор – во најбрз можен рок. Транспарентно известување за секој чекор, со прецизни рокови и конкретни активности за санација и ревитализација. Апелот е до сите кандидати за градоначалници и советници – во Град Скопје, Општина Аеродром и Општина Гази Баба: Јавно и гласно обврзете се дека ќе ја решите оваа еколошка бомба! Ова не е борба за функција, ова е борба за живот и здравје – посочуваат од „О2 иницијатива“.

Секоја моментална активност околу „Вардариште“ е само гаснење пожар, сметаат активистите од „Зелен хуман град“.

 За да ги отстраниме причините што го создаваат тој пожар, очекуваме сите кандидати за градоначалници на скопските општини во своите програми да го предвидат концептот на Нула отпад како единствен механизам за паметно и одговорно управување со отпадот што значи заштита на нашето здравје и нашите живот – велат од ЗХГ.

Оградување, 24-часовен надзор и забрана за влез – Каја Шукова го претстави планот за решавање на проблемот со Вардариште

Кандидатката за градоначалник на Скопје од редовите на СДСМ Каја Шукова смета дека мора да запре загадувањето што секојдневно го трпат повеќе од 150.000 жители од Аеродром и Гази Баба.Според неа, ВМРО-ДПМНЕ и Арсовска четири години го оставија Скопје да се гуши во ѓубре, а Вардариште се претвори во вистински екоцид

Потребна е итна интервенција со 24-часовен надзор, целосно оградување на депонијата и забрана за влез за сите освен за вработените од „Комунална хигиена“. Скопје заслужува чист воздух и безбедно опкружување. За „Вардариште“ е потребно системско решение – смета Шукова.

Некои од граѓаните, пак, кои секојдневно мораат да живеат со чадот, смрдеата и загадувањето од депонијата, се сомневаат дека зад сето ова се крие организиран криминал, затоа што е речиси невозможно никој да не може да се справи со шака луѓе што горат отпад.

Други пак се убедени дека пред избори на партиите и нивните кандидати за градоначалници не им се во интерес незадоволни градини и токму затоа не треба да се молчи туку да се излезе на протести што помасовно, секојдневно да се прави притисок и да се бара трајно решение.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!