Прослава на 21-годишнина од Рамковниот договор/Фото: Цивил

Прославата на Рамковниот договор не ги смири страстите во албанскиот блок

Одбележувањето на 23-годишната од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор со кој на 13 август 2001 година беше окончан воениот конфликт на македонска територија ги раскара албанските партии од опозицијата и владата.

На подадената рака од владиниот коалиционен партнер Вреди да се приклучат кон државното одбележување на годишнината, ДУИ одговори со паралелна прослава во своја организација насловена Академија за легитимитет која ќе се одржи на 13 август во хотелот Александар Палас.

„Болката“ на ДУИ за легитимитет на власта се појави по изборите кога победникот ВМРО-ДПМНЕ за свој партнер во власта ја одбра коалицијата Вреди, која освои помалку гласови и помалку пратенички места од Европскиот фронт предводен од ДУИ.

„Претседателот Ахмети најави серија на активности за да се почитува Охридскиот договор и етничкиот легитимитет кој што извира од духот на Охридскиот договор и следствено на тоа, има ангажирано меѓународна експертска екипа предводено од страна на Пол Вилијамс, авторот на текстот на Охридскиот договор во 2001. Екипата работи на неколку предлог идеи за да се оневозможи непочитување на волјата на гласачите во иднина и нарушување на духот на Охридскиот договор, истакнувајќи дека суштината на Охридскиот Договор е дасе спречи доминацијата на мнозинството (мајоризација) над втората по големина етничка заедница промовирајќи вистинска мултиетничка и консензуална демократија, најавија уште во јули од ДУИ.

Коалицијата Вреди односно претседателот на Алијанса за Албанците и Министер за здравство Арбен Таравари уште еднаш им порача на колегите од опозициската ДУИ мора да се помират со фактот што повеќе не се дел од власта и ги повика да се приклучат на државната прослава на годишнината од Охридскиот рамковен договор.

Таравари нагласи дека историските настани никогаш не биле приватна припадност на некој, туку секогаш ќе бидат настани коишто припаѓаат на граѓаните коишто живеат тука.

-Некако ДУИ секогаш има тенденција да приватизира одредени настани. Сѐ уште не можат да прифатат дека се опозиција меѓутоа им треба време и ќе се навикнат на тоа, ќе прифатат. Приватни журки, забави може секој да организира. Ние ги повикавме на утрешниот настан кој го организира Владата на Република Макеоднија, добредојдени се, а приватни журки нека продолжат, нека си организираат, рече Таравари.

Скромна прослава за годишнината

Портпаролот на ДУИ Арбр Адеми на својот Фејсбук профил презентираше исечок од ребаланост на буџетот на Министерството за односи меѓу заедниците со кој со ребалансот предвидените 6 милиони денари за одбележувањето на годишнината од рамковниот договор се кратат на 4,3 милиони денари, како и кратењето на буџетот за одбележувањето на денот на албанската азбука за кој се предвидени 3,6 милиони денари кои со ребалансот паѓаат на милион денари.

Владата по повод 23-годишнината на Рамковниот договор организира свечен прием во Музејот на Современа уметност каде свое обраќање ќе има првиот вицепремиер Изет Меџити по што е предвиден коктел за гостите.

Според владината одлука од 5 јули годинава задолжен за прославата е вицепремиерот и министер за односи меѓу заедници Иван Стоилковиќ кој во најкус можен рок се задолжува да побара согласност од Бирото за јавна набавка за спроведување на постапка за јавна набавка, со преговарање без објавување на оглас, за искористување на предвидените средства во буџетот за 2024 година поради итноста односно наближување на денот на прославата.

Податоците од Бирото за јавни набавки, покажуваат дека огласот е објавен во јули, со рок за доставување понуди до 31 јули, но на 26 јули е донесена одлука за негово поништување па нема информации колку точно ќе чини организирањето на овој настан за кој во претходните години спакуван како музички хепенинг „Мировен фестивал“ се трошеа илјадници евра од државната каса.

Инаку Адеми по првичниот повик од Вреди да се приклучат на заедничката владина прослава на годишнината обвини албанската коалиција во власта го предала Охридскиот договор на „путинистот Иван Стоилковиќ“ со што Албанците биле предадени на „Вучиќ и Путин“.

Адеми уште еднаш потенцираше дека Вреди се „губитници на претседателските и парламентарните избори, без легитимитет од гласачите“ и „привезок на ВМРО“.

„Следствено на тоа, оваа моноетничка Влада, нема легимитет да ја организира годишнината на Охридскиот Договор. Исто така, средствата за одбележување на годишнината од Охридскиот Договор, Стоилковиќ и оваа моноетничка Влада ги намалија, како што ги намалија за одбележување на Денот на албанската азбука“, напиша Адеми во петокот како реакција на прес конференцијата на Вреди, која ја водеше ќерката на покојниот албански политичар Имер Имери кој е еден од потписниците на Рамковниот договор.

-Никој нема право да ги девалвира придобивките за Албанците од Охридскиот рамковен договор.Затоа апелирам до вас да не правите поделби меѓу нашиот народ. Сите ние треба да го обележуваме овој ден со почит. Намерите ви се провидни и однапред прочитани. Немојте да го сквернавете 13 август 2001. Датумот кој донесе мир сега вие 23 години подоцна да го користите за поделби меѓу албанскиот народ само заради што сте опозиција, порача Саранда Имери во петокот.

Таа во името на ликот и делото на нејзиниот татко ја користам да му се обрати лично Али Ахмети:

-Албанскиот патриотизам не смее да се стави во функција на одбрана на криминал и нечесни политичари. Загинатите и живите борци на УЧК како и потписниците на Рамковниот договор Имер Имери и Арбен Џафери имаа искрени намери и не се бореа и не работеа за наместени тендери и лично богатење, порача Имери.

Во вторник пак во свечената сала во владата на Република Северна Македонија по повод годишнината ќе се одржи Свечена седница на која ќе се обратат премиерот Христијан Мицкоски и вицепремиерот Изет Меџити.

Рамковниот договор и отворените прашања

Потписници на Охридскиот рамковен договор на 13 август 2001 година беа тогашниот претседател на државатаБорис Трајковски, премиерот и претседател Љубчо Георгиевски како лидер на ВМРО-ДПМНЕ, лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски, Имер Имери, претседател на ПДП и Арбен Џафери, претседател на ДПА. Како гаранти на договорот се потпишаа, претставниците на ЕУ и САД Франсоа Леотар и Џејмс Пердју.

Со договорот освен што беше прекинат воениот конфликт унапредени се правата на етничките заедници за нивна соодветна и правична застапеност во сите нивоа од власта со воведување на повисоки демократски стандарди на државно и на локално ниво и промоција на консензуалната демократија.

Беше формиран и Секретаријат за спроведување на Охридскиот рамковен договор, за успешна имплементација на договорот, кој во 2019 година се трансформира во Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците.

Во духот на Охридскиот рамковен договор беа донесени над 130 закони, законски измени и дополнувања за воведување на принципите на недискриминација и правична застапеност, а помал дел се од сферата на идентитет, култура, образование и децентрализација на власта.

На парламентарните избори во коалицијата Вреди настапи со барање дека од новата влада ќе побара од Уставот да се елиминира дефиниција на албанскиот јазик како ‘друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните’ и албанскиот јазик, во неговото писмо, да стане службен јазик низ целата држава на еднакво ниво со македонскиот јазик.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот