Проширување на збирката уметнички дела на МСУ преку поттик за донирање

Во Музејот на современата уметност во Скопје во тек е изложбата „Аквизиции-донации 2017-2021“ на која 35 автори од македонската визуелна сцена се претставуваат со 72 уметнички дела, од кои осум се откупени од Министерството за култура, а 64 се подарени на музејот.

Идејата е, како што велат од МСУ, да се „презентира квалитетот и квантитетот на делата од колекцијата, прикажување на минатото, не поради самата историја, туку и поради рефлектирање на важноста за сегашноста и иднината, и за колекцијата и за Музејот“.

Станува збор за амбициозна изложба на многу автори по пет години, а по тој повод разговаравме со кураторката на изложбата, кустос Ива Петрова-Димовски.

– „Аквизиции-донации“ е традиционална изложба што не се прави на определено време. Кога ќе се постигне еден одреден број на дела, откупени и донирани, а тоа може да биде во рок од една година и повеќе, тогаш сметаме дека е доволно за да се презентира пред јавноста – посочи Димовски.

кустос Ива Петрова-Димовски

Таа појасни и дека збогатувањето на збирките во колекцијата на музејот се прави по пат на аквизиција, односно откуп, што го прави Министерството за култура или самиот музеј, како и преку донација на уметнички дела од самите автори или како оставина од угледни личности или подарок. Од музејот ги повикуваат уметниците да донираат, но имаат и отворена покана до сите други донатори.

– Ги практикуваме и двете, односно авторите сами си проценуваат кога сакаат да донираат свои дела. Секако, отворени сме за секаква соработка како музеј. Акумулацијата на донациите, како и во минатото, и денес се врши преку традиционално донирани дела од уметниците, и најчесто е по нивното самостојно излагање во музејот – вели таа.

Како куратор, особено задоволство ѝ е да работи на истражување на уметноста на одреден автор, но организирање на изложба составена од уметници од различни периоди и различен уметнички пристап е посебен предизвик.

– Најтешко е аранжирањето на изложби од овој тип, кога концепциски делата се различни, изработени во повеќе медиуми и во различен временски период и правец. Затоа се потрудив да балансирам помеѓу визуелниот дел и архитектурата, односно просторот во кој се изложени делата – појасни Димовски.

На изложбата во МСУ се претставени аквизиции и донации на 72 дела од 35 автори / Фотографија: Благоја Варошанец

Меѓу позначајните донации е оставината на почитуваната проф. д-р Радмила Угринова-Скаловска, донација од 37 уметнички дела. Уметникот Глигор Стефанов ги подарил сите негови дела од ретроспективната изложба, реализирана пред неколку години во МСУ. Авторката Кристина Пулејкова ја подарила нејзината самостојна изложба по повод наградата за најдобар млад уметник од Биеналето на млади уметници во 2016 година.

Меѓу изложените дела има и творби на авторот Симон Узуновски (донација од Крсте Џидров), откупите од Министерството за култура во 2017 година, од авторите Кирил Гегоски, Жанета Вангели, Ибрахим Беди, Миле Корубин и други. Изложени се и уметнички творби што содржат разни медиуми: слика, скулптура, графика, акварел, цртеж, видео и инсталација од авторите Драгутин Аврамовски-Гуте, Димитар Аврамовски Пандилов, Лазар Личеноски, Никола Мартиноски, Мира Апостоловска, Љубомир Белогаски, Жанета Вангели, Иван Велков, Томо Владимирски, Кирил Гегоски, Владимир Георгиевски, Божидар Дамјановски, Катја Ефтимова, Беди Ибрахим, Богољуб Ивковиќ, Александар Јанкуловски – Цане, Ристо Калчевски, Киро Караџа, Миле Корубин, Вангел Коџоман, Зоран Малиновски, Власе Николески, Трајче Николовски, Данчо Ордев, Благоја Попоски, Кристина Пулејкова, Исмет Рамиќевиќ, Александар Ристески, Глигор Стефанов, Ана Темкова, Симон Узуновски, Никола Фидановски, Слободан Филовски, Симон Шемов и Теофил Шулајковски. Љубителите на уметноста ќе можат изложбата да ја проследат до 15 мај.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 124, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 9-10 април 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!