Промоција на дигиталната колекција „Анте Поповски“ во ГБ „Браќа Миладиновци“ – Скопје

Промовирана е дигиталната колекција „Анте Поповски“ како чин на зачувување на трајните вредности

Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје на денот на својот 79-ти роденден (15 ноември) ја претстави дигиталната колекција „Анте Поповски“, дел од отворениот ресурс Дигитална библиотека.

– Дигитализирањето на творештвото на Анте Поповски е наша силна заложба за негово доближување до сите истражувачи, студенти, средношколици и негово афирмирање, зашто Анте е еден и голем, не само поет, туку и мислител, општественик. Благодариме на довербата на неговото семејство, тие се пример како се чува оставнината, како се чува татковината, затоа што делото на Анте за сите нас е токму тоа, татковина – истакна директорката на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје, Снежана Стојчевска.

Дигитализацијата е резултат на договорот за соработка со семејствотo и со Здружението „Антево перо“. Тие на библиотеката ѝ отстапија книжен и некнижен материјал, дигитализиран од д-р Атина Цветановска, која докторираше токму на творештвото на академикот и поет Поповски.

Колекцијата беше дополнета со објекти за кои библиотеката доби дозвола за дигитализација, а процесот на заедничко работење се совпадна и со два големи јубилеја: 60 години од објавувањето на книгата „Непокор“ и 40 години од објавувањето на „Сина песна“.

– Создавањето дигитални отпечатоци и ваквиот начин на документирање, се придонес кон зачувување на македонската историја и можност за идна континуирана афирмација на македонскиот јазик и култура, како кај нас, така и во странство. Среќни сме што во Градската библиотека препознавме сериозен партнер и сојузник кој работи во насока на зачувување на трајните вредности – истакна Жорж Поповски, син на великиот Анте Поповски.

Пред многубојните студенти, средношколци, професори, научни истражувачи и библиотекари, за дигитализацијата говореа Гордана Андреева (советник библиотекар), Андријана Апостоловска (советник библиотекар) и Ивона Џамтоска Јанкуловска (виш библиотекар).

– Одделот за дигитализација во ГБСК започна да работи во 2007 година со оскудна опрема, но преку постојано стручно усовршување го подобривме процесот и апелираме до надлежните институцииза поголемо разбирање за нашите потреби и проблеми. Само така ќе можеме да држиме чекор со европските библиотечни трендовии на идните генерации да им оставиме поголеми можности за учење и истражување – истакна Андреева од Одделот за дигитализација.

По презентацијата, студентите од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ интерпретираа стихови од Анте Поповски достапни токму на дигиталната колекција. Промовираната колекција е еден од клучните проекти на Библиотеката за оваа година, заедно со кампањата „Читаме современи македонски автори“, работилницата за креативно пишување за средношколци и проектот „Полска на полица“.

Свеченоста беше заокружена со доделување пофалници за работа на пензионираните библиотекари и најава за големиот јубилеј 80 години постоење на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во 2025 година.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 257, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 23-24.11.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот