
Промовиран првиот учебник во Гинекологија и акушерство на македонски јазик
„За добра едукација на студентите, освен добри професори, потребна е и квалитетна литература. Првиот интергриран учебник на македонски јазик „Гинекологија и акушерство“ е значаен чекор кон унапредувањето на медицинското образование. И во ова време кога студентите одлично владеат барем еден странски јазик, учењето на мајчиниот – македонски јазик овозможува најефективно стекнување трајни знаења“ – ова го рече министерката за образование и наука Весна Јаневска на промоцијата на првиот интегриран учебник по Гинекологија и акушерство напишан на македонски јазик, што се одржа на Медицинскиот факултет во Скопје.
Препорачано
Јаневска посочи дека не е лесно да се направи квалитетен учебник и честитајќи им на авторите, апелираше до научните работници и професорите да го следат примерот како влог во поквалитетно образование на нашите студенти.
-Знам дека за идните гинеколози и акушери новиот учебник ќе биде големо олеснување. Тие одбрале благородна професија и тој ќе им помогне во успешно совладување на знаењата, додаде Јаневска.
Деканот на Медицинскиот факултет, проф. д-р Светозар Антовиќ истакна дека учебникот по гинекологија и акушерство, е импозантно деле коешто е плод на долгогодишна работа на најголемиот дел од професорите на Катедрата по гинекологија, но и на нив, на целиот Медицински факултет, и претставува значаен придонес во збогатување на ризницата на македонски учебни помагала на македонкси јазик на овој факултет.
-Иако живееме во ера на дигитализација, во таа насока Медицнскиот факултет веќе има и голема база на електронски учебници, сепак пишаниот збор, печатената форма на учебник, мислам дека претставува една трајна вредност, а и за многу од нашите студенти, претставува и префериран начин на учење. И заради тоа сметам дека ова е навистина еден голем придонес во збогатувањето на таа ризница.
Медицинскиот факултет ќе продолжи и понатаму стратешки да ги негува и двете форми на издаваштво и публицистичка дејност, рече деканот Антовиќ.
Главниот уредник на учебникот, проф. д-р Горан Димитров, рече дека првиот учебник по гинекологија и акушерство на македонски јазик претставува интегрирано дело коешто се јавува по 45 години откога наши, македонски професори, гинеколози, учествуваа во т.н. „учебник на група автори“, којшто беше за цела Југославија.
-Ова претставува дело со 980 страни, во кое учествуваат 46 членови на нашата Катедра, авторите се наставниците, коавторите се асистентите, и уште шест, седум коишто доаѓаат од другите сродни катедри. Овој учебник ќе помогне за понатамошното развивање на науката по гинекологија и акушерство. Ние особено се гордееме, иако многу од нас имаат свои поглавја во други странски учебници, дека ова е учебник којшто е на наш мајчин јазик.
Сеопфатниот учебник опфаќа 990 страници и е поделен на 89 поглавја, кои се однесуваат на сите аспекти на гинекологијата и акушерството. Со придонеси од 66 автори, вклучително водечки професори и медицински професионалци од различни катедри на Медицинскиот факултет, овој учебник служи како суштински ресурс за студентите по општа медицина на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Учебникот е структуриран во 50 поглавја во Гинекологија и 39 поглавја во акушерство, илустриран е со 493 слики и 101 табели.
Објавувањето беше завршено во ноември 2024 година со почетен печатен тираж од 200 примероци на македонски јазик.