Фото: МТСП

Промовиран поимник за родово-базирано насилство на интернет: Твоето тело е твое и на нет и во реалниот свет

Настанот е дел од глобалната кампања на УНФПА „Вodyright”, што претставува глобален повик за акција со цел да се спречи насилството врз жените и девојчињата во виртуелниот простор.

Во рамки на пошироката кампања Bodyright на Фондот за население на Обединетите Нации – УНФПА денеска беше промовиран Поимникот за родово-базирано насилство извршено со (зло)употреба на технологијата, со цел едукација и подигање на свеста за насилството, но пред се подобро препознавање на насилството.

Според министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска жените и девојките се цел на навреди, а нивните слики и видеа се подложени на понижувачки сексуални дејствија без согласност.

Токму затоа наша заедничка обврска е да се бориме против ваквото кршење на човековите права на жените, вели Тренчевска.

Фото: МТСП

Цел на Министерството, како што потенцираше Тренчевска е да обезбедат посилна превенција од насилство и санкционирање на истото, но и да работат со сторителите на насилство, за да ги елиминараат можностите на повторување на истото.

За таа цел, министерката посочи дека минатиот месец, во рамки на кампањата „Гласна и храбра“ била на терен во сите региони од државата, при што беа реализирани бројни средби и разговори со многу жени од различни ранливи категории со цел директно да бидат слушнати нивните предизвици кои ќе бидат инпут во креирањето на идните политики и мерки, а воедно и дополнувања на досегашните механизми.

Фото: Кабинет на претседател на РСМ

Првата дама Елизабета Ѓоргиевска во своето обраќање порача дека родово базираното насилство на интернет е недоволно експонирана тема и потребно е нејзино актуелизирање и изнаоѓање решенија.

За насилството кое се случува онлајн, во виртуелниот простор, мораме да зборуваме отворено и гласно, постојано и упорно. Само така полесно ќе го препознаеме за да можеме да го спречиме. Мораме да ги сензибилизираме нашите граѓанки дека родово базираното насилство во интернет просторот е недозволиво и треба да се санкционира и искорени. Често многумина, особено млади, не се свесни за тежината на постапките на социјалните мрежи и се чувствуваат слободни и сигурни зад тастатурата да можат да загрозуваат друга личност, дискриминирајќи, навредувајќи, извршувајќи насилие. Тоа мора да запре, рече во обраќањето Ѓоргиевска.

Фото: МТСП

Директорот на УНФПА, Џон Кенеди Мосоти истакна дека согласно податоците 85 проценти од жените искусиле или биле сведоци на насилство во виртуелниот свет.

За жените и девојките, но и за момчињата, ова понатаму значи дека поминуваат низ стигма, срам, значи дека се соочуваат со ситуација кога никој не ги слуша. Затоа ние, УНФПА, ja имаме кампањата bodyright – право на телото. Сакаме сите да знаат и да бидат свесни за тоа дека нивното тело е само нивно. Ние сакаме да имате „авторско право” на вашето тело, дека за што и да се случува со вашето тело, вие сте единствените кои ќе дадете согласност за него. Тоа значи дека сите ние мора да бидеме свесни, мора да им дадеме вистинско име на работите (токму затоа го имаме Поимникот), за да може да го препознаеме насилството и мораме да оформиме партнерства, да се погрижиме за тоа дека секој/а е повикан на одговорност и на отчетност, посочи директорот на УНФПА.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот