
Промоцијата на стихозбирката „Куќичка на дрво не е дом“ од Милена Сиљаноска ќе се одржи во „Буква“
Во кафе-книжарницата „Буква“ на 17 јуни (вторник), од 20 часот, ќе се одржи промоција на стихозбирката „Куќичка на дрво не е дом“ од младата писателка и поетеса Милена Сиљаноска.
Препорачано
Промотор на книгата ќе биде познавачот на поетиката на младата генерација поети и мислители, Андреј Медиќ Лазаревски. По година и пол од промовирањето на првиот роман од авторката, повторно ќе седнат еден спроти друг за да навлезат во стиховите и значењата.
Милена Сиљаноска е писателка, поетеса и уредничка во Издавачки центар „Три“, во чиешто издание е оваа стихозбирка. Голем дел од песните во неа се дел од поетскиот ракопис „Болопадание“, за кои се здоби со признанието „Антев златник“ од Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“.
Сиљаноска има објавувано поезија и проза во периодичните списанија „Современост“, „Зенит“, „Литературни искри“, во студентскиот весник „In medias res“, на „Окно.мк“ и на „Медуза“.
„Ронлива“ е нејзин прв роман објавен во 2024 година. „Ако обележје на ‘Ронлива’ беше ‘Девојка од бронза’, овојпат не плашете се да бидете ‘Изгорени од ова сонце’“ стои во најавата на настанот.