Постер за 35. Ликовна колонија Галичник

Промислување на колективната културна меморија е тематскиот фокус на ликовната колонија во Галичник

Јубилејната 35. Ликовна колонија Галичник ќе се одржи од 12 до 19 август, а на неа ќе земат учество десет уметници што ќе разговараат, размислуваат и дејствуваат со фокус на темата „Колективна културна меморија“.

Учесници на традиционалната Ликовна колонија Галичник годинава се Кристине Ледерер – Австрија, Ивана Хостник – Србија/Словенија, Лучезар Бојаџиев – Бугарија, Софија Димова – Бугарија, Марина Касијаниду – Кипар, Елија Калогјани – Грција, Стефан Корнацки – Полска, Ил Џафери – Косово, Клелија Живковиќ – Македонија и Дарко Алексовски – Македонија. Секоја година колонијата има тема, а оваа година фокусот е ставен на колективната културна меморија.

– Историската меморија, интерпретацијата и ангажманот на општествата се обликувани од нивната култура, институции и споделените наративи. Овој концепт се протега надвор од личните сеќавања за да ги вклучи начините на кои заедницата ја одржува и пренесува својата историја. Спомениците, музеите, наставните програми, медиумите, како и обредите и ритуалите на заедницата сето тоа го прикажуваат. Заедничкото разбирање на минатото од овие компоненти ги обликува идентитетот и принципите на една заедница.

Имплементацијата на предностите на новата ера во античкиот амбиент на прекрасниот Галичник е како додавање на ново ткиво во организам со дефинирана стратиграфија. Хабитусот помеѓу старото и новото се издигнува во синтеза, синергија, надградба, современост со нагласен културен предзнак. Постојаните мешања, националниот белег, македонската гордост: културата на нашата земја и меѓународниот дух и културата на другите, односот меѓу историјата, природата, фолклорот и традицијата со современата и урбана анемија на постмодерната уметност, ја формираат и дефинираат Ликовната колонија Галичник како специфика не само на национално, туку и на регионално ниво.

Квалитативниот императив е структурен елемент во систематската формална поставеност на оваа важна манифестација. Дигиталната уметност или поопшто уметноста на новите медиуми е детерминанта… уметноста на новото време, новите технички и технолошки придобивки, интернет уметност, компјутерска уметност, дигитална фотографија и графика, видео инсталации, виртуелна реалност… сите тие ја заменија класичната уметност на штафелајни слики, скулптури, цртежи.

Со ваквиот пристап Галичката ликовна колонија стана единствената колонија од ваков вид на регионално ниво. Несебичната посветеност и ентузијазам во име на продолжување на долгогодишната културна традиција на селото Галичник и Реканскиот крај и во име на квалитетната нововременска уметност воопшто и секако аспектот на размена на искуства и знаења и човечки ресурси се главните постулати на колонијата.

Колективната меморија не е без свои недостатоци. Наративите од минатото може да имаат предрасуди или да нема информации затоа што луѓето имаат тенденција да се сеќаваат на одредени работи поживо, додека забораваат или минимизираат други. Конфликт и раздор може да настанат кога сеќавањата на различни групи за исти настани се спротивставени едно со друго. Колективната меморија е алатка која политичките партии и владите ја користат за да ги оправдаат своите постапки и цели. Колективната култура на меморијата е длабоко важна во уметноста, бидејќи обезбедува богат извор на инспирација и служи како критичен медиум за истражување, зачувување и предизвикување на колективните сеќавања – истакнуваат организаторите на колонијата.

Токму на оваа тема ќе разговараат, размислуваат и дејствуваат учесниците на 35. сесија на Ликовната колонија во Галичник. Реализацијата на колонијата е поддржана од Министерството за култура на РС Македонија.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 242, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 10-11.8.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот