
Професорот од Техничкиот факултет, Филип Поповски, ќе ја предводи листата на ВМРО-ДПМНЕ во Битола
Филип Поповски, редовен професор на Техничкиот факултет во Битола при Универзитетот „Св. Климент Охридски“, ќе биде носител на советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ во општина Битола на претстојните локални избори, соопшти партијата.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
„Проф. д-р Филип Поповски е претседател на Сенатот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола и редовен професор на Техничкиот факултет во Битола. Во својата академска кариера, тој ги има поминато сите степени на кариерен развој – од асистент, преку доцент и вонреден професор, до редовен професор. Филип Поповски е дипломиран графички инженер, магистер и доктор на технички науки. Неговата научна и професионална специјалност е насочена кон “3Д“ компјутерски симулации и виртуелна реалност, области кои денес се од особено значење за современите инженерски и технолошки истражувања. Како истражувач, учествувал во повеќе научно-истражувачки проекти и има значаен придонес во развојот на техничките науки. Автор е на неколку учебници и над 50 научни и стручни трудови, цитирани во водечките светски референтни бази како Web of Science и Scopus“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Поповски по добиената доверба да ја преводи листата на советници на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори за Битола, на социјалните мрежи напиша:
„Драги мои сограѓани битолчани, со голема чест и уште поголема одговорност го прифаќам предизвикот да бидам носител на победничката листа за советници во Битола, предводена од ВМРО-ДПМНЕ! Од денес започнуваме нова заедничка мисија – со Вас, граѓаните на Битола. Ве повикувам да си подадеме рака, да се обединиме и заедно да градиме вредности за идните генерации и за иднината на нашиот град! Да живее БИТОЛА!“.