Професорите Драган Мијакоски и Сашо Столески со тимот изработија важен медицински труд за алергиите на храна

Двајца професори по медицина од Македонија кои се дел од европската истражувачка мрежа КОМФА Драган Мијакоски и Сашо Столески како дел од тим изработија медицински труд, во кој за првпат беа дефинирани критериуми, кои што се валидни на меѓународно ниво, за опсервациските и интервентните студии за алергиите на храна посредувани од имуноглобулинот Е.

Тие нагласуваат дека ваквите активности имаат големо значење во услови кога бројот на пациентите со алергија на храна се зголемува и во нашата земја.

Алергиите на храна се растечки здравствен проблем, особено во развиените земји. Помеѓу 1960 и 2020 година, глобалната инциденца се зголеми од 3 на 7 проценти. Во Македонија се засегнати над 3 проценти од возрасните и 5 проценти од децата. Во случај на алергија на храна, организмот реагира на протеините од храната со ослободување на антитела, како што е имуноглобулинот Е (ИгЕ), што може да резултира со силни имунолошки реакции во форма на исип, чешање, оток и воспаление на мукозните мембрани.

За да се овозможи резултатите од студиите за алергијата на храна да бидат подобро споредливи помеѓу себе, научниците развија таканаречен „Сет на најважни резултати”. Овој сет претставува збирка на релевантните параметри кои што се однесуваат на клиничката слика на пациентите со алергија на храна и кои што треба да бидат следени при спроведувањето на истражувањата на ИгЕ-посредуваните алергии на храна.

Резултатите од оваа студија во која што е применет Делфи консензусот се објавени во списанието Алерџи и со тоа на светско ниво се поставени основите за стандардизирана проценка на резултатите од научните студии за алергиите на храна посредувани од имуноглобулинот Е.

Според професор доктор Драган Мијакоски, развојот на „Сет на најважни резултати” за алергиите на храна посредувани од имуноглобулинот Е како дел од проектот КОМФА, е важен чекор за истражувачката и практичната работа во насока на воспоставување на стандардизирани параметри на исходот при спроведувањето на опсервациските и интервентните студии.

Тоа овозможува стандардизирање и подобрување на третманот на алергиите на храна и помага да се забрза развојот на ефективен фармаколошки и нефармаколошки третман,  истакнува професорот Сашо Столески.

Со цел да се процени и да се подобри ефективноста на постоечките терапевтски модалитети, големо значење има споредливоста на клиничките студии.

Многу студии за алергиите на храна не можат да се споредат и покрај сличните истражувачки прашања затоа што различни научно-истражувачки тимови анализираат различни резултати при спроведувањето на студиите. Ова е особено проблематично затоа што на тој начин значително е отежнато сумирањето на знаењата за овој клинички ентитет – алергија на храна“, објаснува доктор Кристијан Апфелбахер, Директор на Институтот за социјална медицина и истражување на здравствените системи на Универзитетот во Магдебург.

 

После опсежното проучување на достапната литература и квалитативната студија реализирана во повеќе фази со помош на методот Делфи, групата научници ги идентификуваше „алергиските симптоми“ и „квалитетот на животот“ како најважни резултати кои што треба да се следат при спроведувањето на студиите за ИгЕ-посредуваните алергии на храна. Во овој научно-истражувачки процес учествуваа вкупно 778 лица од 52 земји.

Истражувачкиот тим на КОМФА нагласува дека наодите кои што се добиени со ова истражување ќе помогнат да се подобри споредливоста на студиите и да се подобри квалитетот на резултатите.

Проектот е координиран од доктор Даниел Мунблит од Кралскиот колеџ во Лондон и истиот е финансиран од Асоцијацијата Европска соработка во науката и технологијата.

Нашето истражување помага за тоа студиите за алергиите на храна да бидат поконзистентни и да имаат повеќе смисла за практичната работа. Со фокусирање на она што навистина е важно за пациентите – „алергиски симптоми“ и „квалитет на животот“ – ние помагаме во напорите за хармонизација со крајна цел да обезбедиме дека идните истражувања на алергијата не само што ќе имаат поголемо влијание, туку тие и навистина ќе бидат фокусирани на потребите на пациентите вели доктор Мунблит.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот