Проекција на филмот „Бела книга – женско писмо“ ќе се одржи во Градската библиотека во Скопје

Како дел од активностите на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје за одбележувањето на 5 Мај – Денот на македонскиот јазик, на 5 мај, во 12 часот, премиерно ќе биде прикажан едукативно-документарниот филм „Бела книга – женско писмо“ на авторката Снежана Младеновска Анѓелков.

Авторката на документарниот филм, и самата писателка и добитничка на наградата „Роман на годината“, разговара со дел од актуелните македонски писателки на овие теми, отворајќи простор за нови размислувања околу женското писмо и сите негови специфики кое тоа со себе ги носи и ги негува.

Сопоставувајќи ги своите размислувања за темите за кои пишуваат во своите книги, за начинот на кој го прават тоа, дали има повеќе поетеси или прозаистки на нашата книжевна сцена и други лични и провокативни теми, во филмот учествуваат Лидија Димковска, Лилјана Пандева, Фросина Пармаковска, Снежана Стојчевска, Калина Малеска, Виолета Танчева-Златева, Николина Андова Шопова и Соња Стојменска-Елзесер.

Филмот отвора теми поврзани со прашањата: Колку авторките биле дел од канонот на македонската литература? Колку таа категорија се променила со текот на времето? Каква е улогата на писателките во рамките на актуелната македонската книжевна сцена? Колку се читани и почитувани? Дали нивните дела се дел од образовниот систем и лектирните изданија?

Овој филм, во соработка со професорките по македонски јазик и литература, ќе биде прикажан во рамките на наставата во неколку средни училишта во Скопје, со цел да им ја доближи литературата на македонските авторки на учениците од трета и четврта година, запознавајќи ги со делата на актуелните домашни писателки, истовремено извршувајќи едукативна функција, но и поттикнувачка размисла за инкорпорирање на нивните книги во наставниот процес во образованието.

Снежана Младеновска Анѓелков (1977, Скопје) дипломирала на ФДУ на отсекот за филмска и ТВ монтажа во 2000 година, а со звањето магистер по уметности – област филмска и ТВ монтажа се стекнува во 2012 година. Нејзиниот прв роман „Единаесет жени“ (2011) ја доби наградата „Роман на годината“ на „Утрински весник“, а истиот потоа доживеа уште две изданија. Вториот роман „Молчи со отворена уста“ (2019) беше финалист за истата награда. Во 2022 година ја објави и „Луѓето, а не градот“, книга посветена на Скопје кое веќе го нема.

Авторка е на филмско-есеистичката книга „Слики со животна уверливост“ (2014) посветена на филмовите на режисерот Владимир Блажевски. Застапена е во тематската збирка раскази „Тивка анестезија“ (2016, „Антолог“) и во антологиите „Best European Fiction 2017“ и „Contemporary Macedonian Fiction“ (2019) на „Dalkey Archive Press“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот