Продуктивни и непродуктивни политички ставови

Тони Поповски. / Фото: Архива на Слободен печат

Нашето себеблокирање во моментов за многумина неутрални набљудувачи изгледа нерезонски, а доколку оваа себеблокада потрае, логичен исход ќе биде дека (не)сакајќи самите ќе им дадеме оправдување на архитектите на претходното бугарско вето, но и ќе создадеме сомнеж кај институциите на ЕУ дека не сме искрено посветени токму на остварувањето на Копенхашките критериуми, кои во еден дел се поврзани со колективните права на заедниците.

Изборниот натпревар е „битка на ставови“ и во едно рационално општество би требало да победат ставовите со повисок степен на продуктивност. Проблемот настанува кога рационалното во општеството е потиснато од ставови што се обликувани на начин првенствено да поттикнат политички профитабилни, но непродуктивни емоции.
Не потценувајќи ја сеопфатната содржина на изборните програми на партиите, во еден подолг период, а следствено и во изборната кампања, како клучни се наметнуваат две теми: блокадата на преговорите со Европската Унија поради недонесените уставни измени и корупцијата. Овие теми имаат нагласен емоционален набој, но истовремено за нив сè можни рационални и продуктивни решенија.
Процедурално започнатите преговори со ЕУ не можат да продолжат без уставните измени, и доколку уставните измени се случат, извесно е отворање на првиот кластер на поглавја наречен „фундаменти“ проследено со донесување на патоказите за владеење на правото и за функционирањето на демократските институции и реформа на јавната администрација, вклучувајќи конкретни одредници за процесите поврзани со спречувањето на корупцијата, и не помалку значајно и во контекст на односите со Бугарија, носењето на Акцискиот план за заштита на правата на припадниците на малцинствата или заедниците. Спроведување на овие патокази е преземена обврска и би требало да се врши на многу пометодичен и посистематичен начин во споредба со досегашното искуство на адресирање на препораките од годишните Извештаи на Европската комисија. Ова особено се однесува на сосема извесно и многу поефективно спречување на корупцијата. Оттаму, залагањето за блокада на преговорите е во најдиректна спротивност со заложбите за доследна борба против корупцијата. Впрочем, на корумпираните и тие што корумпираат, исчекор кон ЕУ не само што не им е од интерес, туку овој процес го сметаат како силна и директна закана за нивното „нормално“ функционирање и организирано го опструираат.
Од своја страна, критериумот за поефикасна заштита на правата на припадниците на малцинствата или заедниците е дел од Копенхашките критериуми наспроти прашањата поврзани со историјата, a кои не се дел од Копенхашките критериуми, односно нема поглавје во европското право посветено на историјата и следствено нема одредници кои треба да се исполнат. Притоа, иницијативата за уставните измени е тесно поврзана со Копенхашките критериуми.
Ние со ЕУ процедурално не преговараме за нашата историја, а преку историјата и за нашиот етнички идентитет. Истовремено треба да се потсетиме дека добрососедството е критериум од потпишаната Спогодба за стабилизација и асоцијација со ЕУ како постојна правна рамка која ги регулира нашите односи со Европската Унија. Овој критериум го имаме прифатено пред цели 20 години, бидејќи Спогодбата стапи во сила на 1 април 2004 година. Односите со соседите меѓу останатото, се регулираат и со сеопфатни билатерални договори и невозможно е склучените договори со Грција и Бугарија да бидат игнорирани. Следствено, тие билатерални договори се нотирани во делот на рамката за преговори, кој се однесува на основните начела на преговарање, а не во делот посветен на супстанцата на преговорите, а кој се однесува на кластерите на поглавја. Бидејќи во јавноста има тенденциозно и неодговорно создадена конфузија за ова прашање, треба да се расчисти маглата на начин што ќе се разбере дека добрососедството е општ критериум наспроти остварувањето на човековите права, вклучувајќи ги и колективните права на заедниците како специфичен дел од Копенхашките критериуми.
Дали и како за добрососедството придонесуваме ние но и нашите соседи, сега и во изминативе 20 години, ќе остане предмет на оценување од Европската комисија сѐ до нашето зачленување во ЕУ, но не е директен предмет на преговори. Исклучок од ова правило има само во преговарачката рамка на Србија, каде што има поглавје со одредници поврзани со Косово. Во нашата преговарачка рамка нема поглавје со одредници за нашите односи со Бугарија, иако нивната влада имаше такво барање, и ова претставува квалитативна разлика во наша полза. Евентуално вето поради незадоволство на Бугарија од исходи поврзани со работата на билатералната Комисија за историско-образовни прашања е процедурално можно со овој начин на одлучување во Европскиот совет, но не би било легитимно, имајќи предвид дека историјата како тема не е опфатена со европското право и нема поврзани одредници. Од друга страна, единствен продуктивен пристап по однос на билатералната Комисија за историско-образовни прашања е да се растовари од политички влијанија на двете влади, за да може да даде стручен придонес. Оваа Комисија не носи одлуки туку носи препораки до владите на двете држави засновани на постигнат консензус во рамки на Комисијата. Што се однесува до протоколите на Договорот со Бугарија, нивната содржина е реципрочна со исклучок на остварувањето на човековите права и слободи на делот од бугарскиот народ во Републиката, како материја поврзана токму со Копенхашките критериуми.
Аргументот дека уставната измена целосно не превенира ново вето од Бугарија е процедурално коректен, но да се запрашаме дали за нашата меѓународна и билатерална позиција е подобро некој нелегитимно да посегне по вето доколку го оправдува со незадоволство од исходи поврзани со историјата, отколку сами „превентивно“ да се блокираме.

Нашето себеблокирање во моментов за многумина неутрални набљудувачи изгледа нерезонски, а доколку оваа себеблокада потрае, логичен исход ќе биде дека (не)сакајќи самите ќе им дадеме оправдување на архитектите на претходното бугарско вето, но и ќе создадеме сомнеж кај институциите на ЕУ дека не сме искрено посветени токму на остварувањето на Копенхашките критериуми, кои во еден дел се поврзани со колективните права на заедниците. Дури и барањето на опозицијата за реципроцитет во односите со Бугарија во доменот на колективните права на заедниците, не може формално да се поврзе со преговорите, бидејќи Бугарија е членка на ЕУ, а ние сме држава кандидат, односно Копенхашките критериуми се однесуваат на државите кандидати за членство. За членките на Унијата има инструменти со кои се прави оценка на степенот на владеење на правото и остварувањето на човековите права и слободи. Што се случува во Бугарија на тој план е скрутинизирано од Агенцијата на ЕУ за фундаментални права и санкционирано од Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

И да речеме дека со право сме незадоволни од овие процеси во рамки на Унијата, реално влијание може да направиме само од позиција на зачленета држава. Сè друго, вклучувајќи и пркосно и гордо прекорување на ЕУ за недоследност е во домен на популистички маркетинг за домашна употреба и генерирање на непродуктивен евроскептицизам.
Непродуктивниот политички став се карактеризира со негативност, предрасуди и теории на заговор, поларизација, рефлекс да се прават опструкции по секоја цена, прибегнување кон лични напади или потпалувачка реторика и давање приоритет на партиските интереси пред општото добро. Од друга страна еден продуктивен политички став го одликува искрена подготвеност за внатрешен дијалог и да се работи заедно и мудро на решенија од кои сите би имале полза.

Рацин.мк

(Авторот е архитект и магистер на политички науки)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот