
Продолжува драмата во ОУ „Љубен Лапе“ – Денеска интервенирала и полицијата
Продолжува бојкотот на наставата во училишето „Љубен Лапе“ кој го организираат родители кои се револтирани од односот на наставничката по математика кон нивните деца. Родителите денеска повторно излегоа на протест пред училиштето, а интервенирала и полицијата по пријава на наставничка.
Препорачано
– Ние, родителите на учениците од шестите одделенија одлучивме дека бојкотот на наставата/часовите по математика останува на сила и ќе продолжи се додека наставничката Анета Костоска целосно не се изземе од часовите на нашите деца и да се исклучи од наставата и секаков контакт со учениците. Дoполнително сакаме да ве информираме дека денес, 3 февруари 2022 година, за време на бојкотот на часовите од страна на учениците од VI-2, VI-4 и VI-5 одделение кој е уредно најавен на училиштето, на класните раководители и стручната служба на училиштето и одобрен со согласност од сите родители на учениците од претходно наведените одделенија, друг предметен наставник по математика, колешка на наставничката против која е поведена постапка (а која е член на дисциплинската комисија), од неразбирливи причини за нас, а можеби познати за неа, свесно го попречи бојкотот, обраќајќи се на висок тон со упатување закани кон родителот кој бил уредно овластен од сите други родители да биде присутен со децата во просториите на училиштето за време на бојкот. Воедно, истапувајќи надвор од нејзините ингеренции и должности, без одобрение на директорот и стручната служба на училиштето, не почитувајќи ја хиерархиската поставеност на работа и одлучување, повикала полиција на интервенција за што по пријавата е уредно составен записник од страна на службени лица на МВР, велат родителите чии деца тврдат дека трпат психичко насилство од страна на наставничката по математика.
Наставничката која родителите ги пријавила во полиција е член на дисциплинската комисија која треба да донесе одлука за начинот на санкционирање на нејзината колешка, поради што родителите бараат нејзино изземање од комисијата за да се спречи непристрасно делување.
– Бараме изземање од член на дисциплинската комисија, заради очигледно заземање на страна во постапката, наместо реално и фактичко утврдување на состојбите. По инцидентот утрово, одржана е средба со ново именуваната в.д. директорка и двајца инспектори од Државниот просветен инспекторат. Во училиштето се прават одредени напори, но истовремено и нелогични опструкции од дел од наставниците и попречување на решавањето на овој многу горлив проблем за учениците. Потенцираме, нашата примарна цел не е да се создаваат нови проблеми, туку конечно да се погледне директно во проблемот кој постои во училиштето, велат родителите.
Тие ја демантираат изјавата на директорката Марјана Панчевска дадена за Слободен печат, во која уверува дека направила се што е во рамки на нејзините можности.
– Цениме дека е потребно и јавно и доследно да ја демантираме изјавата на поранешната директорка на училиштето, Марјана Панчевска, дека направила се што е во нејзините надлежности. Проблемот постои најмалку 5 години наназад, а интензивно неколку месеци наназад од септември 2021 година преку Советот на родители, а од ноември 2021 година и со писмени материјали се документирани бројни претставки, барања, петиции, пријави и иницијативи по кои до ден денес не добивме никаков одговор, освен официјален одговор пратен до родителите преку класните раководители дека наставничката по математика во второто полугодие нема да одржува настава, но како што е видно за нас и за целата јавност, ретерираше од истото и не го спроведе. Таа свесно и тенденциозно ги чуваше нашите барања упатени до Училишниот одбор и ги доставуваше до членовите со доцнење дури и цел месец, заради истекување на статутарните рокови. Бевме отворени за разговор и сеуште сме, со цел изнаоѓање на решение на проблемот кој ќе ги задоволи сите засегнати. Записнички е документирано и јавно кажано дека нашата цел не беше директорката и нејзиното менување кое е последица на нејзината неспособност или можеби незнаење да изнајде соодветно решение за проблемот. Нашата цел е конечен прекин на несанкционирње на наставниот кадар кој излегува од своите ингеренции и надлежности и кој грубо ги прекршува сите законски и подзаконски акти кои ја регулираат оваа дејност и според кои се одвива образовниот процес, се вели во реакцијата на родителите.
Револтирана мајка тврди: Проблемот со наставничката по математика во „Љубен Лапе“ трае со години