
Продолжен притворот за таткото што ги истепа децата на натпреварот Шкупи-Брегалница
Продолжен е притворот на 43 годишниот родител од Скопје, кој физички напдна двајца малолетни фудбалери на младинскиот фудбалски натпревар меѓу клубовите Шкупи Брегалница на стадионот „Бело Брдо“ во Штип.
Препорачано
Судијата на претходна постапка и воедно и портпарол на Основниот суд во Штип, Сашко Георгиев, денеска за МИА потврди дека на лицето А.А од Скопје веќе му е продолжен притворот од 30 дена, по што по скратена постапка ќе следи и судење. Закажано е и судското рочиште во штипскиот Основен суд на 18 септември.
Основното јавно обвинителство во Штип веднаш по настанот поведе и итна постапка против 43 годишниот родител за кривично дело – Насилство од член 386 став 4 во врска со став 3 и став 1 од Кривичниот законик, а кој извршил грубо насилство на 24 август на стадионот „Бело Брдо“ во Штип, за време на фудбалски натпревар меѓу младинските екипи на фудбалските клубови Брегалница и Шкупи.
„Со дејствијата тој ја загрозил сигурноста на две деца, родени во 2010 година, играчи за тимот на Брегалница, нанесувајќи им телесни повреди. Освен тоа, кај оштетените, останатата присутна публика и во јавноста предизвикал чувство на несигурност, загрозување и на страв“, информираше Обвинителство на 25 август.
Инцидентот се случи во 89-та минута од натпреварот, кога судијата поради прекршок (фаул) доделил втор жолт картон со што го исклучил од игра синот на осомничениот, кој играл за Шкупи.
„Незадоволен од одлуката, прво синот се однесувал неспортски и со тупаници и со удар со нога се обидел да се пресмета со еден од фудбалерите на Брегалница. Тогаш, на теренот влегол таткото и со тупаници и со клоци започнал да ги удира двете деца, нанесувајќи им телесни повреди – повеќе набиеници и скршеница на нос без дислокација. На игралиштето влегле и други лица од публиката, кои спречиле натамошна ескалација на настанот“, се наведува во соопштението на Обвинителството.
МИА претходно информиршае и дека дисциплинската комисија на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) веднаш донесе и неколку дисциплински мерки. Играчот со дрес број девет на ФК Шкупи, чијшто родител е во притвор, му е изречена најстрогата санкција исклучување од фудбалска организација.
Покрај него, поведена е постапка против уште двајца играчи на ФК Шкупи кои се вклучени во инцидентот, по што им е изречена казна забрана на играње во траење од три месеци. Казна да не игра четири натпревари заработи и 15 годишен фудбалер на штипска Брегалница, којшто се впуштил во груба игра и самозаштита при нападот.
Се поведува постапка, организаторска и колективна одговорност се бара и од двата клуба, од Шкупи заради нападот на родителите врз противинички играчи, а од Брегалница заради слабата организација на натреварот и поради пропуст во обезбедувањето.
Од ФФМ информираа дека казна има и за координаторот на ФК Шкупи, поради давање лажни информации, измама и поради доведување во заблуда, бидејќи во графата за стручен штаб се ставени лица коишто воопшто и не присуствувале на натпреварот.