
Признавам дека беше грешка, ама ми бараа да бидам директорка на болницата во Дебар – рекла во суд Севдије Коџа за лажниот сертификат по англиски од Пловдив
Признавам дека беше грешка. Не бев свесна за таа грешка затоа што од мене се бараше да бидам шест месеци в.д. директор на Општата Болница Дебар. Се каам за стореното и нема да ми се повтори.
Ова биле завршните зборови на директорката на дебарската болница, Севдије Коџа, кои ги дала во суд кога признала вина дека за да стане директорка приложила фалсификувана диплома за наводно познавање на англиски јазик за TOEFL iBT (Test of English as a foreign language), издадена од правниот субјект Julia Co. LTD од Пловдив, Бугарија. Пресудата дека е виновна за фалсификување исправа е донесена на 4 октомври годинава, но таа уште е директорка на болницата. Слободен печат вчера упати писмено прашање до Министерството за здравство и го праша министерот за здравство Арбен Таравари дали ја разрешил, поради тоа што станала директорка со лажна диплома и де факто не ги исполнувала условите на конкурсот, но одговор на нашето прашање не добивме.
Истиот ден, на 4 октомври заедно со директорката на дебарската болница, вина за фалсификување на ист ваков сертификат по англиски, признала уште една поранешна директорка на училиште во скопската населба Драчево, Т.К.
Се каам искрено и го носам како товар, бидејќи никогаш претходно не сум направила штета на никого, изјавила таа пред судот.
Нејзината адвокатка во завршниот збор пред судот навела:
Предлагам судот при одмерување на видот и висината на казната да ги има предвид олеснителните околности и тоа даденото признание на вина, искреното каење за стореното и даденото ветување дека нема да се јави како сторител на кривични дела, како и дека станува збор за семејна жена, мајка, почитувана личност во средината во која живее и работи и дека со стореното не предизвикала никаква штета на кое било лице дури со своето работење го унапредила работењето на училиштето.
Ваквите фалсификувани сертификати деновиве се предмет на голем интерес од јавноста. Двете осудени директорки не се единствените што имале сертификат за познавање англиски на кој се појавувало името на правниот субјект Julia Co. LTD.
Директорот на Агенцијата за национална безбедност Бојан Христовски кога аплицирал за избор на асистент на Факултетот за безбедност, исто така приложил диплома за положен ТОЕФЛ од правен субјект Julia Co. LTD. Не е проверено дали се работи за истата фирма од Пловдив или за друга.
Од пресудата на двете директорки до која дојде Слободен печат, е евидентно дека судот не се занимавал со тоа од каде на две различни директорки во два различни градови Скопје и Дебар, сертификатите им биле фалсификувани баш со злоупотреба на името на една фирма оддалечена стотици километри од Македонија, во соседна Бугарија. Дали во Македонија има мрежа за издавање вакви лажни сертификати за ТОЕФЛ со цел именувани лица формално правно да ја задоволат законската обврска да приложат уверение за познавање англиски јазик, е прашање на кое оваа пресуда не дава одговор. Но, зачестуваат пријавите со името на „Јулија“. Co LTD Пловдив, Бугарија на сертификати кај директори од различни градови во Македонија, а неофицијално дознаваме дека до Обвинителството деновиве е доставена уште една пријава за да се испитува баш диплома по англиски на овој правен субјект, кај сосема трета директорка.
Двете директорки на дебарската болница и на училиштето во Драчево, по признанието на вина се осудени на 2 години условна казна.
Во периодот од 28.12.2022 година до 18.01.2023 година во Скопје обвинетата Т.К. употребила како вистинска лажна исправа – сертификат за познавање англиски јазик од училиште за јазици „Јулија“ ЦО. ЛТД од Пловдив Бугарија, и ETS TOEFL iBT test taker score report од 03.12.2022 година, иако такви исправи не биле издадени, на начин што најнапред ги превела кај овластен судски преведувач а потоа ги употребила како доказ дека има познавање на англиски јазик и поседува сертификат TOEFL iBT при нејзиното аплицирање на јавен оглас за избор на директор на основно училиште во Драчево од 28.12.2022 година, кое што било еден од условите за избор на огласот, по што истата била именувана за директор со решение од 18.01.2023 година.
За другата директорка на дебарската болница пак, во пресудата се објавува дека е огласена за виновна со признание на вина затоа што на 14.07.2023 година употребила како вистинска лажна исправа, сертификат за познавање англиски јазик од училиште за јазици ЈУЛИЈА ЦО. ЛТД од Пловдив, Бугарија и ETS TOEFL iBT test taker score report од 26.11.2022 година иако такви исправи не биле издадени, на начин што како доказ дека има познавање на англиски јазик и поседува сертификат TOEFL iBT ги употребила при нејзиното аплицирање на Конкурс за именување на директор на Општа болница со проширена дејност Дебар од 29.06.2023 година кое што било еден од условите за избор на конкурсот по што истата била именувана за директорка со решение од Министерството за здравство од 11.09.2023 година.
Со горните дејствија двете директорки сториле по едно кривично дело фалсификување исправа.
Судот им ги одзел сертификатите за познавање англиски јазик кои биле лажни, бидејќи се предмети кои настанале од извршување кривично дело.
Јавната обвинителка Марија Панајотова, во завршниот збор во судница меѓу другото истакнала дека ваквите дела зачестуваат.
Ако се има предвид признанието на вина дадено од страна на обвинетите Т.К. и С.К. произлегува дека истите ги сториле кривичните дела што им се ставаат на товар со обвинителниот предлог и поради тоа предлагам судот да ги огласи за виновни и тоа за по едно дело фалсификување исправа, а при одмерување на висината на казната да ги има предвид сите отежнителни и олеснителни околности, па како отежнителни околности да ги цени видот на кривичното дело, начинот на извршување, се поголемата зачестеност на ваквиот вид на кривични дела, а како олеснителни да ги цени тоа што обвинетите се неосудувани и признанието на вина, што доведе до побрзо и поефикасно завршување на кривичната постапка, истакнала Панајотова.