
Приведен пратеникот Сашко Јанчев по сообраќајна несреќа во Илинден, Левица тврди дека не бил пијан
Пратеникот на партијата Левица, Сашко Јанчев, во раните утрински часови денес е приведен откако учествувал во сообраќајна несреќа во која се повредени двајца малолетници, од кои едниот се наоѓа во животна опасност.
Препорачано
Сообраќајната несреќа се случила на 13 септември 2025 година во 00:50 часот на крстосницата од улицата 10 во село Марино, општина Илинден и сервисната улица, меѓу патничкото возило “Хјундаи Тусон” со гевгелиски регистарски ознаки управувано од 36-годишниот пратеник Јанчев и мопед “Јијинг” управуван од 16-годишниот М.Д. од село Идризово.
Во несреќата тешко повреден е малолетниот возач на мопедот М.Д., додека неговата 13-годишна сопатничка А.Т. од населбата Илинден е полесно повредена. И двајцата малолетници се пренесени во Комплексот клиники “Мајка Тереза” каде што 16-годишниот возач се бори за живот. Телесни повреди во несреќата добиле и пратеникот Јанчев, како и неговиот сопатник Х.М.
По извршениот увид од увидна екипа од СВР Скопје и по наредба на јавен обвинител, околу 04:00 часот, Јанчев е лишен од слобода и приведен во полициска станица поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела “загрозување на безбедноста на сообраќајот” “тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот”.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ побараа пратеникот Јанчев да поднесе оставка од функцијата од морални и етички причини.
Левица: Јанчев не возел над дозволеното и не бил пијан
Политичката партија Левица објави детално соопштение во кое ги демантира дел од медиумските известувања за сообраќајната несреќа на пратеникот Сашко Јанчев, нарекувајќи ги дезинформации.
Според соопштението на Левица, сообраќајната несреќа се случила поради удар на нерегистриран и неисправен моторцикл без светло, управуван од малолетник без возачка дозвола и без заштитна кацига, кој возејќи со неприлагодена брзина се забил во совозачката врата на автомобилот управуван од пратеникот Јанчев.
“Според досегашните информации на очевидци, пратеникот управувал со возилото совесно, согласно сообраќајните правила и прописи, односно со пропишана брзина и не бил под никакво дејство на алкохол бидејќи Јанчев воопшто не ни пие алкохол! За жал, несреќата се случила за миг и практично не можела да се избегне, по што пратеникот на Левица постапил сосем присебно и одговорно и самиот лично повикал полиција и Брза помош, која на местото на настанот пристигнала дури по 40-на минути”, се наведува во партиското соопштение.
Партијата истакнува дека пратеникот Јанчев во моментот на несреќата имал вклучен жмигавец за вртење десно и дека несреќата се случила за миг и практично не можела да се избегне. По несреќата, Јанчев самиот повикал полиција и брза помош, која на местото на настанот пристигнала дури по 40-те минути.
“Изразуваме длабоко жалење за оваа трагична ситуација и упатуваме искрени желби и намери до семејството на повредениот млад човек за негово што побрзо и целосно оздравување. Стоиме на располагање и тука сме за било што, што е потребно во процесот”, се вели во соопштението.
Левица упати и јавен повик до Сообраќајната полиција при МВР, наместо како што вели да дава тенденциозни соопштенија – да врши засилени превентивни контроли, особено насочени кон најмладите учесници во сообраќајот.
Од партијата велат дека ќе го чекаат вештачењето и крајот на официјалната истрага која ја води Обвинителството, при што ќе продолжи да ја информира јавноста навремено и транспарентно.